20.11.2024 Скопје
Уставниот суд на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи 30-та седница, на чиј дневен ред се девет иницијативи за оценување на уставноста и законитоста на различни закони, како и два предмета за конечна одлука.
Една од главните точки на дневниот ред е разгледувањето на Законот за данок за солидарност. Разгледувањето на Законот за данок за солидарност е со фокус на делот „или 2021 година“ од член 6 став 14.
Подносителите сметаат дека Законот е спротивен на членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Подносителите на иницијативите, меѓу кои се Финмак ДОО, Стопанската комора на Република Северна Македонија и други компании, тврдат дека законот е спротивен на Уставот и дека неговата ретроактивна примена ги нарушува правната сигурност и деловната политика на компаниите.
Според иницијативите, законот стапил во сила на 25 септември 2023 година, без соодветен период за прилагодување, што ги довело компаниите во неповолна положба.
Подносителите истакнуваат дека законот ја нарушува правичноста, еднаквоста и пропорционалноста, и дека е дискриминирачки за компаниите основани во 2021 година.
Уставен денеска треба да ја разгледа и иницијативата поднесена од Здружението за заштита од дискриминација – Виница, која го оспорува член 147 став 2 од Законот за нотаријатот.
Според иницијативата, оваа одредба е противуставна и дискриминаторска, бидејќи ги ограничува законските наследници во нивното право да одлучат дали им е потребен адвокат при расправање на оставината.
Подносителите тврдат дека задолжителното присуство на адвокат претставува директна дискриминација и е спротивно на членот 54 од Уставот и членот 14 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи.
На дневен ред е и иницијативата поднесена од Земјоделскиот комбинат „Пелагонија” АД Битола, која го оспорува член 47 став 5 и став 6 од Законот за земјоделство и рурален развој, како и член 3 став 25 од Уредбите за директни плаќања за 2023 и 2024 година.
Според иницијативата, овие одредби не се во согласност со Уставот и ги нарушуваат слободата на пазарот и претприемништвото, како и еднаквата положба на сите субјекти на пазарот.
Подносителите тврдат дека мерките за директни плаќања треба еднакво да ги третираат сите засегнати субјекти и да го поттикнуваат развојот на земјоделството.
Денеска треба да биде разгледана и иницијативата поднесена од Виолета Маневска од Битола и Татјана Калевска, декан на Технолошко-техничкиот факултет во Велес.
Оваа иницијатива го оспорува член 4 став 1 точка 3 и член 69 став 4 од Законот за управните спорови.
Според подносителите, овие одредби го нарушуваат уставното право на жалба против одлуки донесени во прв степен пред суд.
Тие тврдат дека дискреционото право на судијата да дозволува или не дозволува жалба создава можност за дискриминација на странките во спорот, што е спротивно на принципот на владеење на правото и уставната гаранција за еднаквост на граѓаните пред законот.
Политичката партија „Левица“ поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одлуката за определување на заштитни зони за заштита на водите на изворот „Студенчица“.
Според нив, одлуката овозможува изградба на комплексни објекти како електроцентрали и придружна инфраструктура, што не придонесува за заштита на животната средина, туку напротив, ја нарушува.
Тие тврдат дека со оваа одлука се укинува забраната за градење во заштитната зона, што ја намалува заштитата на изворот.
Иницијативата е поднесена врз основа на членови од Уставот и Законот за водите, кои според „Левица“, се прекршени со оваа одлука.
Тие бараат од Уставниот суд да ја поништи одлуката и да се врати забраната за градење во заштитната зона на изворот „Студенчица“.
Денеска ќе биде разгледана и иницијативата на Даријан Сотировски за оценување на уставноста на одлуката за измена и дополнување на Одлуката за давање на трајно користење на недвижни ствари на ЈП „Тетово Транспорт” – Тетово.
Според иницијативата, Советот на Општина Тетово во 2023 година донел одлука спротивно на Законот за користење и располагање со стварите во државна и општинска сопственост, со која го дава новиот фудбалски стадион на трајно користење на ЈП „Тетово Транспорт”.
Сотировски тврди дека оваа одлука е незаконска и бара од Уставниот суд да ја поништи.
Тој истакнува дека во 2015 година Владата донела одлука со која стадионот се дава на трајно користење на Општина Тетово, но без надоместок, што не е случај со новата одлука на Советот на Општина Тетово.
На дневен ред е и иницијативата на Мартин Ефремов за оценување на уставноста на членови 169, 170 и 171 од Колективниот Договор на МВР.
Според Ефремов, овие членови се во спротивност со член 32 од Уставот, кој гарантира право на соодветна заработувачка и платен одмор за секој вработен.
Тој тврди дека со овие одредби, МВР забранува исплата на прекувремена работа над 32 часа месечно, што овозможува неограничено ангажирање на работниците без соодветна компензација.
Ефремов бара од Уставниот суд да ги поништи овие одредби и да се обезбеди правична исплата за прекувремената работа на вработените.
Ќе се разгледува и иницијативата на Оливер Давидовски за оценување на уставноста на член 6 став 3 од Тарифата за награда и надоместок за другите трошоци за извршителите.
Според Давидовски, оваа одредба не е во согласност со Законот за извршување и со Уставот на Република Северна Македонија.
Тој наведува дека Тарифата е донесена врз основа на погрешен правен основ, односно член 46 став 4 од Законот за извршување, наместо врз основа на став 3 од истиот член.
Давидовски бара од Уставниот суд да ја поништи оваа одредба и да се усогласи со законските и уставните одредби.
Иницијативата на Градоначалникот на Општина Богданци, Блаже Шапов, за оценување на уставноста на Програмата за уредување на градежно земјиште за 2024 година, ќе биде, исто така, разгледана на денешната седница.
Според Шапов, програмата го прекршува член 94, став 4 од Законот за градежно земјиште и не е во согласност со Правилникот за степенот на уредување на градежното земјиште и начинот на утврдување на висината на трошоците за уредување.
Тој бара од Уставниот суд да ја поништи програмата и да се усогласи со законските и уставните одредби, со цел да се обезбеди правична и законска регулација на градежното земјиште во општината.
Предлозите за оценување со нацрт-одлука се однесуваат на постапката за оценување на уставноста на член 8 став 1 и став 2 од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци.
Иницијативата е поднесена од Славко Димитров, Кристијан Габроски, Робертино Саздов и Ѓорѓи Крстевски, кои тврдат дека овие одредби се неуставни поради ретроактивната примена и пониските коефициенти за пресметка на авторските надоместоци за 2023 година.
Исто така, на 18 септември 2024 година, Уставниот суд започна постапка за оценување на уставноста и законитоста на Деловникот на Општина Зелениково, донесен во 1997 година.
Подготвено од М.Д.