14.11.2024 Скопје
Македонскиот светски признат филмски класик „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, во чест на 30-годишнината од премиерата во 1994, изминатата недела беше прикажан во Сужу, Кина.
Во организација на Државниот филмски архив на Кина, режисерот Манчевски со видео-обраќање го претстави „Пред дождот“ пред кинеската публика, а филмот имаше имаше три проекции за три дена проследени со панел дискусии со реномирани кинески филмолози.
„Како да ви претставам ‘Пред дождот’? Тоа е филм кој ‘Њујорк тајмс’ го стави на својата листа на 1.000 најдобри филмови некогаш создадени. Македонската држава го прогласи за културно наследство. Тоа беше филм што се случи многу брзо; тоа е исто така филм што речиси и немаше да се случи, кога две недели по почетокот на продукцијата проектот беше речиси откажан. Снимањето на филмот беше исполнето со позитивна енергија, со инспирација, но и со борба да се одржи на вистинскиот пат, да се зачува неговата душа. Снимавме во македонските планини кои не беа лесно достапни. Професионалци од 13 земји ги здружија силите во оваа македонско-британско-француска копродукција. Во близина, во Босна, беснееше војна“, рече Манчевски.
Подготвено од М.Д.