21.11.2024 Скопје
Првиот попис на населението во Ирак по речиси четири децении почнува денеска, а тоа предизвикува стравувања од судири во земјата која долго време е сцена на политички поделби.
Се очекува пописот да има големи импликации на распределбата на ресурсите на Ирак, распределбата на буџетот и развојното планирање.
Попис на населението во Ирак се одржа во 1987 година и во 1997 година, но не е спроведен во регионот на Курдистан, па затоа се смета за нецелосен и спорен.
Пописот ќе биде првиот што ќе користи напредни технологии за собирање и анализа на податоци, обезбедувајќи сеопфатна слика за демографската, социјалната и економската ситуација во Ирак. Околу 120.000 попишувачи ќе ги анкетираат домаќинствата ширум земјата.
Сепак, малцинските групи, како што се христијаните, стравуваат дека пописот ќе покаже драстичен пад на нивниот број и ќе им донесе намалено политичко влијание и помалку економски придобивки во високо-секташкиот систем на поделба на власта во таа земја.
Министерството за внатрешни работи за време на пописот ќе воведе полициски час низ целата земја, ограничувајќи го движењето на граѓаните, возилата и возовите меѓу градовите, областите и руралните средини, со исклучок за хуманитарни случаи.
Внатрешно раселеното население за време на годините на војната ќе се смета во областите каде што оттогаш се населиле, а не во нивните оригинални места на живеење. Пописот нема да ги вклучи Ирачаните кои живеат во странство или oние кои се присилно раселени во други земји.
Се проценува дека Ирак има околу 44,5 милиони жители. Пописот исто така ќе го разјасни бројот на вработени во јавниот сектор во регионот.
Подготвено од М.Д.