https://www.facebook.com/photo.php?fbid=814811953349738&set=pb.100044628210344.-2207520000.&type=3

15.11.2024 Скопје

Властите на Србија и Унгарија потпишаа заедничка политичка декларација и шест договори во Будимпешта на 14 ноември, по состанокот на Советот за стратешка соработка на двете земји.

По втората седница на Советот за стратешка соработка на Србија и Унгарија, заедничка политичка декларација потпишаа претседателот Александар Вучиќ и премиерот Виктор Орбан.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан по потпишувањето на договорот изјави дека Србија и Унгарија се обврзани со пријателски односи, како и дека двете земји гледаат шанса во „новата реалност“ во светот што се отвори откако Доналд Трамп победи на избори во САД.

„Она што е ново е ситуацијата во светот. Ние ја нарекуваме новата реалност предизвикана од исходот на американските избори. Сега новите сили кои досега беа потиснати ќе бидат успешни“, смета Орбан.

Претседателот на Србија, Вучиќ од Будимпешта изјави дека политичките, економските и меѓучовечките врски меѓу Србија и Унгарија се продлабочуваат и дека досега се потпишани 173 договори за соработка меѓу двете земји.

Тој посочи дека Србија и Унгарија ги решаваат проблемите, заеднички се справуваат со проблемите.

„Наскоро ќе ја завршиме студијата за нафтоводот, ќе почнеме со градба, ги прошируваме капацитетите на гас во магацините во Унгарија, моментално имаме 160 милиони кубни метри гас, но мора да ги наполниме тие магацини за да можеме да имаме не само доволно гас, туку и струја“, рече Вучиќ.

Тој изјави дека Србија и Унгарија заеднички го градат далноводот Панонски коридор за да имаат помали загуби на мрежата.

„Србија секогаш ќе биде сигурен партнер на Унгарија, а кога ќе изградиме нафтовод, ќе го градиме со нив. Знаеме дека имаме пријатели и дека секогаш сигурно ќе се снабдуваме“, рече Вучиќ.

Ресорните министри на Србија и Унгарија претходно потпишаа шест договори во присуство на Вучиќ и Орбан, меѓу кои се Договорот за меѓународна правна помош во граѓански прашања меѓу владите на Србија и Унгарија и Програмата за соработка во областа на Култура за периодот 2024-2027 година, помеѓу Министерството за култура на Србија и Министерството за култура и иновации на Унгарија.

Ова е втора седница на Стратешкиот совет за соработка меѓу Србија и Унгарија.

Првиот се одржа во јуни 2023 година во Палиќ, кога беа потпишани повеќе договори за соработка, како и договор за изградба на нафтовод што ќе ја поврзе рафинеријата во Нови Сад со Унгарија. Како што е најавено, гасоводот треба да биде изграден до 2027 година.

Подготвено од М.Д.

About Author