vucic

12.11.2024 Скопје

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по разговорот со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, изјави дека Србија и Азербејџан ќе се обидат да изградат гасна централа, која долгорочно ќе го стабилизира снабдувањето со електрична енергија на земјата.

Вучиќ, кој присуствува на Самитот за климатски промени COP-29 во организација на Обединетите нации во главниот град на Азербејџан, Баку, изјави дека со претседателот на Азербејџан разговарал за подобрување на соработката, пред се во областа на енергетиката.

Ќе се обидеме да изградиме гасна централа околу Ниш, бидејќи на југот на Србија веќе имаме проблеми со снабдувањето со електрична енергија. Тоа би го направиле заедно со Азербејџан и на овој начин би обезбедиле стабилно снабдување на Србија во следните 12 години – рече Вучиќ.

Тој додаде дека во наредниот период се наметнуваат две прашања – како да се обезбеди финансирање за обновливите облици на енергија и како да се продолжи со изградба на мали модуларни нуклеарни реактори.

Со кого да го правиме ова, а да не трае 12-14 години. Тоа се огромни инвестиции. Во ситуација кога не сме ниту способни да обезбедиме мир во светот, а имаме големи проблеми на полето на енергетиката, особено за сиромашните земји – рече претседателот на Србија.

Вучиќ рече дека решил да отпатува за Баку и покрај протестот што го најави опозицијата во Белград, бидејќи оценил дека нема да има проблеми.

Сѐ додека протестите се мирни, а не како оние во Нови Сад, сѐ е во ред. Оценив дека нема проблеми и дека можам да дојдам овде – рече Вучиќ.

На прашањето за „вметнатите елементи“ на протестот во Нови Сад, Вучиќ изјави дека опозицијата секогаш вели дека на протестите имало вметнати елементи за кои подоцна барала ослободување од притвор.

На прашањето на странските новинари што мисли за победата на Трамп на претседателските избори во САД, Вучиќ одговори дека смета дека е важна за САД и дека неговата победа ќе донесе надеж во светот.

Подготвено од М.Д.

About Author