20.11.2024 Скопје
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека излезното соломонско решение за спорот со Бугарија е решението со одложено дејство. За ова, вели таа, разговарала и со бугарскиот претседател Румен Радев, но и со сите други претставници на земји од ЕУ, како и други земји пријатели и поддржувачи, кај кои наишла на разбирање. Оптимист е дека работите може да се придвижат во скоро време и земјава да ги почне преговорите со ЕУ.
Претседателката смета за ова решение мора да има општ консензус во државата, за појаки преговарачки позиции.
„Не можам да не кажам дека и покрај инцидентот со знамето i во Софија со бугарскиот претседател Радев имавме плодни разговори меѓутоа повеќе од еден час разговаравме и во Баку. Заклучокот е дека самопочитта раѓа и почит, тоа е мојот прв заклучок. Се разбира дека во разговорите ние секогаш си ги одмеруваме зборовите и овојпат беше така. Соопштенијата се дипломатски, иако нашето беше подипломатско, но јас сакам да ги информирам граѓаните дека од прва рака му го објаснив нашиот став на Радев за кој што има консензус меѓу Владата и мене. Реков дека е најдбро јас да му го соопштам тоа што им го соопштувам и на останатите претставници и ЕУ и останатите земји, наши пријатели… бидејќи тоа е решението за кое мислам дека е многу разумно, добронамерно, решението со одложено дејство“, рече претседателката во интервју.
Таа вели дека од Радев немало коментар, но оти таа ја разбира состојбата во Бугарија, неможноста за формирање влада и за институционализирање на дијалогот и меѓу Владите, односно нашето МНР и нивното. Но, како што рече, мисли дека тој ќе се обиде да ги разбере и нашите позиции кои се најдобронамерни и насочени кон ставање крај на вин – луз состојбата и креирање на вин – вин состојба.
На прашањето дали може да се говори за некакви временски рамки за надминување на спорот, со оглед на тоа што и премиерот Христијан Мицкоски по нејзината средба со бугарскиот претседател рекол дека до крајот на годинава ќе може и ние да продолжиме со нашиот процес за евроинтеграции на достинствен начин, македонската претседателка рече дека и таа го очекува истото.
„Очекувам и јас да се случи истото. Очекувањата не ми се фиктивни, тие се темелат на нашите раговори во Њујорк. Јас не сум дипломат, професор бев и внимавам што ќе кажам. Нашето излезно решение, соломонско решение јас го соопштив и во Њујорк во средбите со многу видни политичари. Мислам дека ме разбраа и мислам дека сега е на ред ЕУ, а господинот Радев постојано се повикува на ЕУ и го квалификува проблемот, не како билатерален, туку мултилатарален, дека треба да дојде до крајот на годината. Јас верувам во сериозноста на таквите ветувања. Нашата позиција и мојата позиција ја соопштив и на средбата со белгискиот премиер, но и во средбите со сите останати, особено оние од Вишеградската група и сите оние кои ни помагаат. Од сите нив чув дека, да вие сторивте многу, го сторивте и неможното. Дури и сега нудите компромис“, рече Сиљановска-Давкова.
Таа очекува, како што рече, сериозните политичари да се држат до зборовите, но исто така и да не заборават дека ЕУ се темели и е единствено решение само доколку не ги заборава сопствените вредности и принципи изразени во уставните документи, во Лисабонскиот договор и во конвенцијата за фундаменталните права.
Подготвено од М.Д.