19.11.2024 Скопје
Еден од најголемите тенори на денешницата, но и врвен диригент, освојувачот на 12 Греми музички награди, Пласидо Доминго (83) , за првпат доаѓа во Скопје со премиерен и ексклузивен концерт на 14 март, 2025 година во арена „Борис Трајковски“, во организација на Прагма Продукција во копродукција со Македонска Опера и Балет.
Како уметник сам по себе и како член на Тројцата тенори, (Павароти, Доминго и Карерас беа најпознатото трио тенори во светот), тој стана едно од најпочитуваните имиња во класичната музика, освојувајќи безброј признанија, вклучително и 12 Греми награди.
Неговиот репертоар вклучува повеќе од 150 улоги, достигнување кое не го направил ниту еден друг артист, со над 4,400 настапи, а потврда за неговиот уметнички статус е фактот што тој е почитуван диригент со повеќе од 600 настапи. Бил почесен уметнички директор на Стогодишниот фестивал Арена ди Верона, како и генерален директор на Операта во Лос Анџелес и Националната опера во Вашингтон.
Заедно со него, на сцената во арена „Борис Трајковски“ ќе застанат и Марија Жозе Сири е една од водечките сопрани во светот, има богата дискографија со ЦД и ДВД снимки. Нејзиниот репертоар опфаќа дела од Белканто до Веризмо, а таа се издвојува како истакната интерпретаторка на најпознатите хероини на Верди и Пучини.
Жорди Бернасер, еден од врвните шпански диригенти денес, редовно диригира во најпрестижните традиционални театри и со реномирани оркестри. Тој ја започнал својата кариера како асистент на Зубин Мехта, Жорж Претр и особено на Лорин Маазел.
Доминго е вториот од Тројцата тенори кои дојдоа во Македонија – по настапот на Хозе Карерас на „Охридско лето“ во 2005 година, кој беше гала настан за паметење.
Кариерата на Доминго почна да оди во надолна линија во 2019 година, кога осум оперски певици и балерина го обвинија тенорот за недолично однесување. По обвинувањата, поднесе оставка на местото генерален директор на операта во Лос Анџелес, функција која ја вршеше од 2003 година. И славната опера „Метрополитен“ во Њујорк , истата година, му откажа соработка на славниот тенор откако над 20 жени го обвинија за сексуално вознемирување пред три децении.
Истрагата спроведена од операта во Лос Анџелес во 2020 година откри дека дека 10-те обвиненија за недолично однесување биле „веродостојни, делумно заради сличностите во нивните изјави“.
Како одговор на овие откритија, Доминго се извини за неговото однесување и презеде „целосна одговорност“ за своите постапки.
„Почитувам дека овие жени конечно се чувствуваа доволно удобно да зборуваат, и сакам да знаат дека навистина ми е жал за повредата што им ја предизвикав“, рече Доминго во изјавата. „Јас прифаќам целосна одговорност за моите постапки и пораснав од ова искуство. Разбрав сега дека некои жени можеби се плашеа да се изразат искрено заради загриженост дека нивните кариери би биле негативно погодени доколку го сторат тоа. Иако тоа никогаш не беше моја намера, никој не треба да се прави да се чувствува така “.
Сепак, тој продолжи да настапува надвор од Соединетите Држави, вклучително и на собирот за собирање средства во Буенос Аирес во 2022 година, во корист на жртвите од руската инвазија на Украина.
Во 2022 година, Доминго влезе во нов скандал- Јавното обвинителство на Република Аргентина го поврза оперскиот пејач со криминална група од градот Буенос Аирес која служела како параван за трговија со луѓе со цел сексуална експлоатација и други кривични дела.
Влезниците за концертот се пуштени во продажба по цени од 2.000, па се до 9.000 денари, во зависност од зоната.
Подготвено од М.Д.