13.11.2024 Скопје
На денешен ден во 1944 година борците од 42. и 50. Народноослободителна дивизија на македонската војска и 16. Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичката окупација за време на Втората светска војна.
Со повеќе настани на кои ќе присуствуваат претставници на локалната и централната власт денеска ќе биде одбележана 80-годишнината од ослободувањето на Скопје во Втората светска војна.
Така, по овој повод на партизанските гробишта во Бутел, делегации од Град Скопје и од Собранието ќе положат свежо цвеќе пред споменикот на ослободителите на градот.
Исто така, делегации од Градот и од Собранието во чиј состав ќе бидат Дијан Илиевска, Славјанка Петровска и Даниела Белимова ќе положат свежо цвеќе и пред споменикот на генерал Михајло Апостолски во Алејата на заслужните граѓани и пред споменикот „Ослободители на Скопје“, во кругот на заградата на Владата на Република Северна Македонија.
Традиционално, на свечена академија ќе биде доделена наградата „13 Ноември“, а настанот ќе се одржи во 19 часот во Филхармонија.
Во пресрет на обележувањето на 80-годишнината од ослободувањето, синоќа премиерот Христијан Мицкоски говореше на настан во организација на градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, насловен „Скопје се буди“. Во своето обраќање, премиерот потсети на историјата на градот и, меѓу другото, рече дека 13 ноември е „завет дека ќе ја чуваме и унапредуваме слободата и ќе се грижиме за Скопје.
Како што е најавено, претседателот на Владата денеска ќе се обрати и на отворањето на меѓународниот научен собир „Антифашизмот помеѓу меморијата и заборавот“ во Музејот на македонската борба за самостојност.
Меѓународниот научен собир е организиран по повод 80 години од првото заседание на АСНОМ. Настанот е во организација на Институтот за национална историја, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ и Македонската академија на науките и уметноститe (МАНУ).
Подготвено од М.Д.