IMG_1584

05.11.2024 Скопје

На 20 декември, арената „Борис Трајковски“ ќе биде местото каде што музичката магија и празничната еуфорија ќе се спојат во една незаборавна вечер. Имено, Симон Трпчески, македонскиот пијанист, ценет во светски размери,  се враќа повторно дома за да го сподели својот неверојатен талент со македонската публика.

Во организација на „Прагма продукција“, на 20 декември, маестро Трпчески ќе настапи заедно со неговите пријатели, врвни македонски уметници со кои ќе приреди новогодишен концерт насловен како „Новогодишна музичка идила со Симон и пријателите“ – и ќе нè води низ светот на најубавите музички класици.

Ова нема да биде класичен концерт, туку ќе биде новогодишен спектакл, каде што за првпат, Симон Трпчески ќе свири и популарни новогодишни песни, како што тоа го прават и најголемите музички ѕвезди. Но, овојпат тој ќе оди чекор понатаму, па заедно со него, на сцената ќе му се придружат врвни пејачи кои дополнително ќе ја зајакнат атмосферата.

Од „Оревокршачка“, преку омилените арии и популарните дуети, па сѐ до валцерите и бисерите од класичната музика и виртуозни предизвици – сето ова е само дел од богатата и внимателно одбрана програма. Секој дел од програмата е вистински виртуозен предизвик, но Трпчески и неговите пријатели се подготвени да го исполнат со леснотија и страст, како што само тие знаат.

Зборувајќи за новата средба со македонската публика, Симон Трпчески вели дека секогаш кога настапува на сцените низ светот дава сѐ од себе, но потенцира дека емоцијата е посилна кога се свири дома. Вистинска реткост е да се слуша Симон во Скопје, бидејќи неговите концертни активности траат во текот на целата година и се одвиваат на сите континенти низ светот.

Тој редовно соработува со познати диригенти, а меѓу нив се издвојуваат имиња како Шарл Дитоа, Сер Лорин Мазел, Василиј Петренко, Владимир Ашкенази, Густав Дудамел итн. Настапува со најголемите странски оркестри, како Њујоршката филхармонија, Кралската филхармонија од Лондон, симфонискиот оркестар на Сан Франциско…Неговата способност да ги оживее и најкомплексните дела на класичната музика го издвојува како уметник од највисок ранг. Многу музички критичари го споредуваат со најдобрите пијанисти на денешницата, истакнувајќи дека Трпчески не само што ја поседува техниката, туку и длабока, уникатна музикалност што му овозможува да ги спои традицијата и современиот израз на извонреден начин.

Подготвено од М.Д.

About Author