01-silno-svetnal-den

25.11.2024 Скопје

Литературната генеза на авторот на „Бели мугри“, всушност започнува со испишувањето на околу триста редови во стих и проза, во вид на триесет и една дописна картичка, упатени на една единствена адреса – до својата љубов Рахилка (Раца) Фирфова, кои пак се органски дел или комплементарна надополна на ракописната збирка „Антологија на болката“ („Антологија бола“). Овие стихови, создавани во периодот од 1928 до 1929 година се лирика на неговата рана младост. Тие се првите стапки на идниот поет.

„Го зимам твоето име како мое, а затоа ти подарувам бесмртност, кондензиран воздух по тебе. Антологија на болката… и мое портре ако побараш… Капка крв од моето тело и душа – ја имаш веќе… Моето идно име – ме врзува засекогаш со тебе…“, пишува Рацин во својата дописка под реден број 15 именувана како „Распаќе“ (1987 (в): 19, препев Гане Тодоровски).

Сепак, првообјавениот Рацинов текст е автобиографскиот, a едновремено и програмски текст, или поетската проза „Резултат“ (објавен во списанието „Критика“ / „Kritika“. Загреб: год. IV, бр. 4-5, август-септември 1928 година). Дури потоа, истата година и во истото списание („Kritika“. Загреб: год. IV, бр. 6-7), излегува од печат песната „Синови на гладот“ („Синови глади“).

Непобитен факт е дека рефлексиите на сите поголеми и поважни литературно-естетички раздвижувања од Европа подоцна стасуваат на овие (балкански) простори, а најдоцна кај нас, во РС Македонија. Токму поради тоа е навистина штета што Рацин нема да се појави на литературната сцена со одделната книга стихови „Антологија на болката“ уште во 1928 година, кога во РС Македонија се инсистира на фолклорниот реализам, на регионализмот, на етнографско-битовата компонента во литературната уметност. „А експресионизмот и низ својата задоцнета (југословенска) варијанта ја обојува и ја осмислува литературната мисија на еден помодерен начин, низ европејски дух. Така Рацин станува „пар екселанс“ експресионист, крлежијанец, побунета и револтирана личност“, вели Гане Тодоровски во предговорот „Поезијата на младиот Рацин“ кон книгата „Поетски творби“ на Кочо Рацин. (1991: 13-28). Неговата лирика црпи од ризницата на експресионистичката поетика, прифатена од прва или втора рака.

И потоа, во 1939 година во Самобор близу Загреб излегува од печат стихозбирката „Бели мугри“. Иако е трета стихозбирка објавена на македонски јазик во предвоениот период, по оние на Венко Марковски, „Народни бигори“ и „Огинот“, објавени во 1938 во Софија, таа го носи приматот на прва збирка авторска поезија на народен македонски јазик зашто излегува во рамките на една тогашна држава – Кралство Југославија кон која припаѓала и денешнава наша РС Македонија.

Збирката претставува извонредно крупен настан во културната и политичката историја на македонскиот народ и пошироко. Таа е врвен дострел на Рациновото творештво. Дело неделиво од неговиот живот и неговото класно и национално определување. Дело со кое ги потврдува можностите за изразување и на најсуптилните чувства на јазикот кој бил забрануван и одрекуван. Со „Бели мугри“ ѝ се отвора пат на современата македонска книжевност, а Кочо Рацин станува еден од нејзините основоположници.

Стихозбирката, составена од 12 песни, напишани на велешки дијалект со примеси од западно-македонските говори, ја гради својата поетска слика низ социјални и револуционерни теми. Насловот на стихозбирката е симболична слика која е посакувана од работниците, аргатите, тутуноберачите и сите експлоатирани луѓе, зашто како што пее Рацин:

„Има, има – в темнината

нешто живо пак да свети:

има болка на душата

има души наранети.

Болка боли – болка гори

болка пече, душа мори,

А болката кога свети –

тешко, тешко, тешко клети!“ (1987(в): 136)

Да се има идентитет, значи да се биде различен од другите. Тоа доведува до етнизација на културата, до распарчување на културата на етнокултурни сегменти, каде што секоја етничка група си ја ревитализира сопствената традиција и сопственото фолклорно минато заради диференцијација на сопствениот идентитет, ќе напише Ермис Лафазановски во својата студија „Антрополошки дијалози“ (2002). Но, често, се појавува и еден друг феномен: измислување нови традиции во фолклорен амбиент. За среќа, тоа не е случај со македонскиот фолклор како баланс помеѓу двете крајни културолошки концепции: народната и елитната култура. Рацин преку својата стихозбирка покажува и докажува дека македонската народна традиција има свои митски хоризонти, свои оригинални компоненти што како концепт ѝ обезбедува трајност, преносливост, аура на автентичност и зацврстување на културниот идентитет – во недостиг на пишаниот (стандардизиран) јазичен израз и како компензација за историската инхибираност. Неспорен е фактот дека „фолклорот е само едно делче од мозаикот наречен култура“, но исто така, неспорно е дека „фолклорот може да придонесе кон идно себепотврдување и може да послужи како културен сеизмограф“

Сите сведоштва покажуваат дека Рацин е еден исклучително немирен дух кој постојано скита низ југословенските напредни центри и се движи, живее и дејствува среде македонската и интелигенција и работничка класа. Борко Лазески се сеќава со возбуда на својот престој во домот на Јужносрбијанците во Белград, на Бајлонова пијаца, Дом кој благодарение на фактот дека секретар бил Владо Малески, станува вистинско македонско прогресивно собиралиште.

„Тука се одржуваа разни средби, состаноци, договори, се носеше и се криеше илегална литература, летоци, се црташе маркица за помош на Република Шпанија и многу други активности. Во тоа време беа донесени од Бугарија книги, брошури и весници од Македонци лево ориентирани. Во еден од весниците беше ликот на Гоце Делчев. Тоа нѐ поттикна да правиме портрет.“ (1987 (б): 130) И токму во една таква атмосфера една вечер во една од соседните соби на тој Дом во која живеат Перо Коробар и некој Велешанец влетува и Борко Лазески не знаејќи дека токму тој непознат е ни помалку ни повеќе туку Рацин.

„Веднаш почувствува дека е Македонец и некаде од Велешко или близу до него“, вели Лазески. „Час ми се чинеше дека е работник, час интелектуалец или партиски работник, час сето тоа заедно, но и нешто друго. Сѐ ми беше појасно кога ми кажаа дека тоа е Кочо Рацин. Беше тих, говореше малку воздржано, веројатно затоа што тука имаше и за него непознати луѓе. Почна да се опушта спрема мене кога разбра дека сум студент на уметничката академија. Почнаа разговори за некои уметници, за изложби, за изложбата на Лазар Личеновски и воопшто за уметноста и за сегашните спорови околу Крлежа. (…) Говореше дека еден од основните услови за автентична уметност е тесната врска на уметникот со својот народ и со своето тло, дека уметникот од таму може да ги црпи своите најзначајни, најдлабоки содржини и творечка инспирација. (…) Беше тих, повлечен и полн со сила, буквално набиен со некоја кондензирана енергија, некако самоуверен, топол, човечен, но негде длабоко во него како да тлееше некоја голема тага. Едноставен, монументален, голем. Карпа што се движи. Во неговата појава како да беше на некој чуден начин отсликана РС Македонија со сите свои маки и надежи.“ (1987 (б): 130-131, означено од Весна Мојсова-Чепишевска)

Како што во неговата „Бели мугри“ е отсликана РС Македонија со сите свои маки и надежи!

И Давичо се сеќава на нивните заеднички мигови кои започнуваат од времето кога Рацин за првпат доаѓа во неговиот стан во Белград. Тие нивни средби се исполнети со постојани разговори за поезијата и како што вели тогаш за првпат Рацин му раскажува за македонскиот јазик и за поезијата на македонски што тој веќе почнува да ја пишува. „… по втор и по третпат кога дојде кај мене“, вели Давичо, „тој ми даде неколку негови песни, отчукани на машина. Кога дојдов првпат во контакт со таа поезија, така да се рече, бев восхитен. Имав едно убедување, длабоко убедување дека пред мене имав не само автентичен, туку и голем поет.

Подготвено од М.Д.

About Author