siljanovska-davkova-rumen-radev-750x430

13.11.2024 Скопје

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова остварила средба со нејзиниот бугарски колега, Румен Радев во рамките на учеството на Самитот за климатски промени (КОП29) во Баку. Како што пренесуваат бугарските медиуми, на почетокот на разговорот Радев ѝ се заблагодарил за поканата за средба и изјавил дека тоа е важно продолжение на „нашите многу отворени и пријателски односи“.

„Важно е што имаме да си кажеме. Нашите разговори се многу пријателски и многу значајни. И многу ми е драго што заедно со вас можеме да го поставиме тонот за односите меѓу Бугарија и Република Северна Македонија“, рекол Радев.

„Тон на соработка, разбирање и меѓусебно почитување“, додал претседателот на Бугарија.

Со ова се согласила и македонската претседателка која изјавила дека нејзиниот бугарски колега е „најстабилниот елемент во државата“.

„Имавме добар почеток и треба да продолжиме така. Во Бугарија чинам се е менливо, освен вие. Вие сте најстабилниот елемент во државата. Тоа го чув и од други наши колеги“, рекла Сиљановска Давкова, па додала:

„Најважното е народите да ни комуницираат. Треба да ги следиме граѓаните – и таму им се радуваат на македонските оперски пејачи, како и во Скопје на извонредните бугарски оперски пејачи. Бугарските и македонските граѓани се разбираат и ќе се разбираат“.

Македонската претседателка на крајот од разговорот му порачала на Радев дека „дошла во културна мисија“ и дека „отворени му се вратите за да дојде во Скопје“.

Според бугарските медиуми, Радев посочил дека би бил среќен доколку луѓето од Бугарија и Р.С.Македонија имаат поголема можност да комуницираат меѓу себе.

Ова е уште една неформална средба на двајцата претседатели, откако Сиљановска Давкова на 13 септември во Софија разговараше со Радев. Причината за нејзината посета тогаш беше културен настан – присуствуваше на изведбата на операта „Набуко“, продукција на македонската Национална опера и балет во Софиската опера и балет. Потоа таа го опиша разговорот со Румен Радев како пријателски, полн со идеи и фокусиран на тоа што можат двете земји да направат заедно, а не на несогласувања. Тогаш се создаде тензија поради отсуството на македонското знаме на разговорите во претседателската палата на Радев, што од македонска страна се сметаше за провокација на официјална Софија.

Подготвено од М.Д.

About Author