GORDANA SILJANOVSKA DAVKOVA

13.11.2024 Скопје

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова отповикала седум амбасадори. Указите за нивно отповикување се објавени вчера во „Службен весник“.

Како што може да се види од објавените укази, станува збор за повлекување на амбасадорите на Република Северна Македонија во НАТО – Дане Талески, во Албанија – Данчо Марковски, во Данска – Фатон Бејта, во Казахстан – Сали Лимани и во Катар – Шабан Јашари. Отповикани се и амбасадорката Теута Агаи Демјаха, која е шефица на Постојната мисија на Реублика Северна Македонија во ОН во Женева и амбасадорката при Светата Столица во Ватикан, Марија Ефремова.

Согласно указите, мандатот на Талески во Постојаната делегација на Република Северна Македонија при НАТО со седиште во Брисел престанува заклучно со 14 јануари 2025 година, а на другите амбасадори мандатот им престанува заклучно со 30 ноември годинава.

Указите стапуваат во сила со нивното објавување во „Службен весник“, а ќе ги изврши министерот за надворешни работи и надворешна трговија.

Во август годинава оставка од функцијата амбасадор во Организацијата на обединетите нации (ООН) во Њујорк поднесе Љубомир Фрчкоски кој претходно беше повикан на разговор во МНР поради наводни финансиски нерегуларности во работењето на претставништвото. До таков разговор не дојде поради здравствени причини на амбасадорот.

Подготвено од М.Д.

About Author