18.11.2024 Скопје
Шпанскиот министер за економија Карлос Куерпо ги повика најбогатите земји во светот да бидат „храбри“ и да ги удвојат напорите за постигнување договор за глобално минимално оданочување на 3.000 милијардери, велејќи дека неодамнешните избори покажале дека граѓаните бараат „прераспределба на богатството“, објавија денеска западните медиуми.
Говорејќи за време на посетата на Лондон пред денешниот состанок на лидерите на Г-20 во Рио де Жанеиро, Куерпо рече дека планот добил политичка динамика од летото, кога министрите за финансии се согласија да работат заедно за да „обезбедат ефективно оданочување на ултра богатите поединци“.
Бразил, кој ги поддржува предлозите за собирање околу 250 милијарди долари годишно од милијардерите ширум светот со тоа што ќе се осигури дека ќе бидат оданочени најмалку два отсто од богатството што го поседуваат, се очекува да побара официјални разговори за глобалните даноци на богатство кога ќе биде домаќин на следниот самит на ОН за климатски промени (COP).
Франција, Германија и Јужна Африка ја изразија својата поддршка за овој предлог, велејќи дека парите се потребни за да им се помогне на земјите загрозени од климатските промени и да се поттикнат т.н. зелени инвестиции.
Подготвено од М.Д.