olaf-solc

11.11.2024 Скопје

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави во неделата дека ќе прифати гласање за доверба на неговата влада пред католички Божик, потег што ќе го отвори патот за распишување предвремени парламентарни избори по распадот на владејачката коалиција.

Тоа е претходен датум од 15-ти јануари што Шолц првично го предложи минатата седмица и е резултат на притисокот да се издејствува гласање за доверба што е можно поскоро.

Шолц во средата го отпушти министерот за финансии Кристијан Линднер од либерално-демократската партија (FDP), растурајќи ја неговата коалициска влада на социјалдемократите, зелените и либералите.

Канцеларот потоа рече дека би сакал до крајот на годината да донесе неколку важни закони во Бундестагот, а потоа да побара гласање за доверба во средината на јануари. Тоа би значело дека изборите би можеле да се одржат до крајот на март следната година.

Незадоволната опозиција, пак, побара Шолц да иницира гласање за доверба што е можно поскоро, по можност следната седмица, за што поскоро да се одржат нови избори.

Според анкетите на јавниот сервис, 84 отсто од Германците сакаат изборите за Бундестагот да се одржат што е можно поскоро.

Според анкетите на институтот Forsa, 57 отсто од граѓаните сакаат социјалдемократскиот кандидат на предвремените избори да не биде Шолц, туку актуелниот министер за одбрана Борис Писториус. И меѓу гласачите на социјалдемократите (SPD), мнозинството од испитаниците, 58 отсто, го сакаат Писториус за нивен кандидат.

Подготвено од М.Д.

About Author