15.11.2024 Скопје
Со дополнување на членот 141 од Законот за електронски комуникации ќе се забранат странските платформи за приредување на интернет игри на среќа. Предлог-законот е објавен на Единствениот национален регистар на прописи, пред истиот да се најде во Собранието.
Во објаснувањето е нагласено дека во моментов преку овие апликации има огромен девизен одлив, а младите стануваат компулсивни зависници од ова забрането онлајн обложување.
„Пристапот до користењето на услуги и апликации преку јавните електронски комуникациски мрежи од став (1) на овој член може да се ограничи во случаи на нелегално приредување игри на среќа преку интернет платформи, во согласност со закон“, пишува во измените и дополнувањата на предложениот законски пропис.
Ограничувањето ќе го пропишува министерот за дигитална трансформација, а примената ќе започне штом се донесат подзаконските акти по 90 дена од стапувањето на сила на законските измени. Листата на услуги и апликации до кои е ограничен пристапот преку јавни електронски комуникациски мрежи ќе ја објави Агенцијата за електронски комуникации, која е регулатор на работењето на телеком операторите.
„Во Република Северна Македонија постоењето и масовното приклучување на нелегални интернет платформи за приредување интернет (он лајн) игри на среќа е широкораспространет феномен кој резултира во сериозни негативни реперкусии по целото општество, а пред се младите категории граѓани, кои се во интензивен психосоцијален развој. Со достапноста на мобилните телефони коцкањето преку интернет е достапно во секое време и на секое место, со пари на сметка кои не се доживуваат како реални средства и кои полесно и побрзо се трошат, психолошките науки ја сметаат оваа форма на зависност далеку поопасна од класичните форми на коцкање. Компулсивното учество во игри на среќа и забавни игри, не е само финансиско прашање, туку влијае на сите сегменти од животот, вклучувајќи ја работата и кариерата, пријателите, семејството, па и многу повеќе од тоа. Евидентно е масовното приклучување на нелегални интернет платформи за приредување интернет (онлајн) игри на среќа од страна на граѓаните, одлив на девизни средства од државата кон странство кое, во ова време, е повеќе од недопустливо за економијата“, смета поднесувачот на законот.
Сопствениците на забранетите апликации за обложување ќе може да се жалат пред надлежен суд. Како што се наведува во објаснувањето на предлог законските измени, се очекува зголемен прилив од даноци и намален одлив на девизни средства.
„Примената на ова законско решение ќе има значајни социјални влијанија, односно преку воведување забрана за пристап до нелегални сајтови за интернет игри на среќа се очекува намалување на изложеноста на младата популација до штетните содржни кои вообичаено се пропратни на ваквите интернет страници, тенденцијата нивните навики да прераснат во коцкање. Дополнително се минимизираат ризиците поврзани со малициозен софтвер, фишинг и кражба на податоци кои често се распространети на нерегулираните платформи. Донесувањето на ова законско решение дополнително се очекува да има позитивно влијание во однос на зголемувањето на дигиталната писменост и пристапност на национално ниво“ сметаат од Министерството за дигитална трансформација како предлагач.
Според предлагачот, доколку не се донесат овие законски измени, ќе продолжи одливот на девизни средства од државата кон странство, без притоа да постои можност да се следи крајната намена на овие трансакции, односно целите за коишто тие се користат.
„Препорачаното решение е донесување на Закон за изменување и дополнување на Законот за електронските комуникации, со кој приредувачите на интернет игри на среќа одговараат за начинот и правилата на приредување на истите и се обврзани да применуваат најсовремени технологии кои гарантираат безбедност и доверливост на плаќањата и личните податоци на корисниците. Притоа, грижејќи се за благосостојбата на населението, на ваквите платформи постојат голем број на опции за контрола на лимитите за обложување и периодот на игра“, објаснуваат од министерството.
Владата по забраната на домашните приредувачи на интернет игри на среќа, преку интервенција во „Законот за електронски комуникации“ ќе го забрани и пристапот до странските онлајн обложувалници. Предлогот ќе биде разгледуван од јавноста околу еден месец по што се очекува да се најде во Собранието.
По она што претходно го најави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, се очекува со овие измени и дополнувања преку Агенцијата за електронски комуникации да се забранат странските домејни, кои приредуваат игри на среќа. АЕК ја регулира работата на мобилните оператори во земјата и се очекува ова тело да им наложи на интернет провајдерите во континуитет да обезбедат недостапност на странските платформи за обложување за граѓаните во земјата.
Андоновски рече дека пред еден месец веќе бил одржан состанок со Агенцијата за електронски комуникации, Марнет, претставници на телеком операторите и директорот на АД Државна Лотарија на кој се утврдени чекори како да се справат со нелегалното онлајн коцкање.
Треба да најдеме методологија како да ги забраниме овие веб-страници во РС Македонија затоа што нивната нелегалност е јасна, утврдена со Законот, но нивното постоење тука е затоа што тие се регистрирани некаде во светот и лесно се пристапни за нашите граѓани. Имаме методологија, имаме правец, но ќе ми дозволите неколку дена за да излеземе со точни активности кои веќе сме ги преземале. Не сакам да зборувам пред преземањето на активностите, но веќе во Лотарија на РС Македонија се прават табели коишто утврдуваат кои точно веб-страници се најприсутни и каде најмногу се закачени нашите граѓани, на кои веб-страници најмногу се приредуваат тие нелегални игри на среќа. Страшниот дел е што и многу малолетници се вклучени, рече тој.
Во моментов, рече Андоновски тогаш, постојат стотина странски веб страници, но најкористени се две кои се присутни и се користат во земјава.
Во првата фаза ќе треба да се работи со овие 100 да се забранат, но потоа според дискусијата која што ја имаме со претставниците на Лотарија тоа ќе биде континуиран процес. Значи не може да се направи еднаш засекогаш, туку постојано ќе треба да се ажурира оваа листа и постојано да се информира АЕК и телеком операторите за да нешто се случува за да може после постојано да се движат кон забрана на овие нелегални приредувачи на игри на среќа. Ќе повторам, ако тие беа регистрирани во РС Македонија ова е кривично дело што го прават, но затоа што се регистрирани во странство не можете да видите кој е точниот приредувач и затоа мораме да одиме со забрана на пристап, подвлече министерот Андоновски.
Со најновата одлука на Владата, за онлајн обложување достапна ќе биде единствено една платформа, онаа на Државната лотарија, сите други ќе мора да престанат со работа. Според информациите, на домашните платформи, на кои со владина одлука им беше забрането да работат, регистрирани биле околу 80.000 илјади граѓани.
Подготвено од М.Д.