https://www.flickr.com/photos/casamatita/41616394025

22.11.2024 Скопје

Според синоќешните најави, денеска се очекува да се нормализира автобускиот сообраќај во Скопје, откако вчера Владата донесе одлука на јавното сообраќајно претпријатие да му позајми нафта за следните седум дена од државните резерви.

Директорот на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје Драги Кушовски синоќа потврди дека нафтата пристигнува во базните станици на претпријатието во Автокоманда и Ѓорче Петров и оти во текот на ноќта резервоарите на автобусите ќе бидат наполнети.

Сите автобуси што се во возна состојба редовно ќе сообраќаат, изјави Кушовски.

За денеска во 14:00/14:30 часот се најавени јавни протести поради состојбата со превозот во градот. Градоначалникот на Општина Шуто Оризари Курто Дудуш, ги повика сите жители на протест, а со барање за нормализирање на јавниот превоз излегоа и студентите од УКИМ кои ќе се приклучат на протестот што ќе се одржи пред бараките на Град Скопје.

Координаторите на советничките групи на Советот на Град Скопје, синоќа на вонредна седница постигнаа консензус и донесоа заклучок со којшто ја поздравија одлуката на Владата за позајмување на нафта од државните резерви за потребите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) и побараа заедно во координација со ЗЕЛС, да продолжат разговорите со Град Скопје за нормализирање на состојбите во градот.

На почетокот на седницата, градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска изрази благодарност до Владата, апелирајќи до советниците да го следат позитивниот пример. За кризата во ЈСП, Арсовска рече дека не е резултат на несоодветното менаџирање на претпријатието, туку поради што редовната јавна набавка била предмет на управна контрола од страна на Бирото за јавни набавки.

Одлуката на Владата ја поздрави и координаторката на советничката група од редовите на СДСМ, Љубица Јанчева, посочувајќи дека ова било предложено решение од страна на СДСМ.

Советникот на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Стојановски, вели дека тие како советничка група досега ги изгласале сите програми за Град Скопје, вклучително и за ЈСП, но истакна дека надминувањето на кризата зависи од менаџирањето од страна на Град Скопје и Јавното сообраќајно претпријатие.

„Само оваа година доделивме 645 милиони денари, тоа мислам околу 10 милиони евра субвенции за ЈСП. И претходните години имаме огромна сума доделено субвенции, што значи дека ние како советничка група секако сме гласале за сѐ што е позитивно за ЈСП, но и за останатите претпријатија“, рече Стојановски.

Порпаролката на Владата Венера Љатифи Азизи изјави дека Владата донела одлука со која се утврдува постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија.

Со ова, како што појасни таа, се овозможува да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата.

„Денес меѓудругото Бирото за јавни набавки донесе одлука со која се исполнети условите за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас за да се скрати периодот за набавка на дериватот потребен на градот Скопје. Со ова Владата го затвора прашањето со настаната потешкотија во работењето на градското претпријатие за јавен сообраќај“, посочи Љатифи Азизи.

Од државното Јавно обвинителство соопштија дека ги следат сите информации во врска со јавниот превоз во Скопје и дека веќе се дадени насоки на Управата за финансиска полиција да ги испита постапките за јавни набавки на мазут за потребите на ЈСП.

Во сообраќај во главниот град изминатите два дена беа пуштени околу триесетина автобуси на Јавното сообраќајно претпријатие од кои 25 се на природен гас и уште неколку кои имаа резерви на нафта.

Подготвено од М.Д.

About Author