Gordana-Dimitrieska-Kocoska

12.11.2024 Скопје

Mинистерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска информира дека една банка прифатила да субвенционира дел од каматата за кредитите за фирмите од заемот од Унгарија. Притоа таа не откри дали станува збор за една од трите најголеми банки во земјата.

Димитриеска-Кочоска посочи дека на неколкуте состаноци досега банките генерално се изјасниле против ваквата идеја. Сепак, посочи, од една банка, на посебен состанок со премиерот Христијан Мицкоски, се согласиле со иницијативата на владата за покривање на дел од трошоците за кредитите наменети за бизнисот. Најави дека деталите ќе се договорат на следниот состанок со Mакедонската банкарска асоцијација што ќе се одржи во недела, а на кој ќе присуствува и премиерот.

На прашање зошто досега не успеале да се договорат со банките, таа одговори дека чекале да се префрлат парите.

„Чекавме да се префрлат парите, да легнат на сметки и да видиме како ќе ги префрлиме кон Развојната банка. Притоа, зборувавме дека каматната стапка е 3,25 проценти и таа ќе остане. Целта на владата е каматната стапка да биде таа по која сме го земале кредитот. Тука имавме дискусија, дали банките, на некој начин, ќе учествуваат во субвенционирање на каматната стапка, иако сакам да кажам дека досега од 2011 година па наваму, повлечени се повеќе од 650 милиони евра по различни кредитни линии, за кои каматната стапка ја субвенционирала државата“, рече Димитриеска-Кочоска.

На прашањето дали сите пари може да одат преку една банка ако останатите не прифатат, министерката вели дека во тој случај не би имало ништо спорно, но преферираат поголема вклученост на банкарскиот сектор.

Во однос на еднократните провизии и другите услови на банките, Димитиреска-Кочоска посочи дека Владата сака сè да влезе во рамки на каматната стапка од 3,25 проценти.

Министерката кажа дека не знае колку од најавените сто милиони евра за општините ќе се реализираат до крајот на годинава.

Инаку, досега се склучени договори со општините во износ од околу 65-66 милиони евра. Министерката вели дека нема проценка колку од овие пари ќе им бидат префрлени на општините до крајот на годината. Таа образложи дека најпрвин треба да завршат со потпишување на договорите.

„Не можам да знам. Нека завршат со потпишување на договорите, па да видиме. Различно е ако зборуваме за инфраструктура во насока на тоа пат да се направи, многу побрзо е. Ние велевме дека станува збор за проекти што се комплетно готови и со кои, по склучување на договорот, веднаш може да се работи. Е сега вие ако зборувате за одреден пат, многу побрзо ќе оди реализацијата. Но, ако зборуваме за доградба на некое училиште, тогаш би било поинакиу. Е затоа однапред не можам да кажам ништо. Да ги видиме договорите“, рече Димитриеска-Кочоска.

Таа потсети дека има многу голема разлика меѓу јавните набавки и планирањето на јавните набавки и буџетот.

„Има многу голема разлика меѓу јавните набавки и планирањето на јавните набавки и буџетот. И тука треба сите да се согласиме. Но, законот, така велат претходните министри за финансии, подразбира дека кога планираш одредена инвестиција или каков било договор, мора да ги имаш предвидено парите во буџетот. И сега јас се согласувам – смешно е, но они велат мора да ги имате планирано и ние сме ги планирале. Дали ќе се реализираат или не, ќе видиме до крајот на годината. И ова е една од темите што планирам да ја разговарам во периодот што следи“, додаде министерката.

На прашање за што ќе се потрошат остатокот од средствата што до крајот на годината нема да им бидат префрлени на општините, Димитриеска-Кочоска потенцираше дека сигурно ќе има прераспределба во рамки на буџетот.

Како што информира министерката, во буџетот за 2025 година за оваа намена се предвидени 250 милиони евра. Таа подвлече дека министерот за финансии не може да префрла пари директно до општините, туку тоа мора да оди преку некое ресорно министерство.

„Министерот за финансии не може да префрла пари директно до општините. Мора да оди преку некое ресорно министерство. Ако во овој момент ги прашаме ресорните министри колку на следниот повик ќе учествуваат општините со одредени проекти кај вас? На пример, министерот за транспорт и министерот за образование. Не знаат. Кога не знаат, зошто јас да планирам, односно како од функции на државата да ги спуштам парите и каде да ги носам. Тоа е одговор на претходното прашање дека вие гледате 75 милиони, а ние велиме сто милиони се предвидени. Ние средства обезбедуваме, меѓутоа не можеме да ги спуштиме по министерства се додека не добиеме прецизна пресметка кое министерство и колкава потреба има“, рече Димитриеска-Кочоска.

Подготвено од М.Д.

About Author