09.11.2024 Скопје
Организацијата за храна и земјоделство на Обединети нации (ФАО) ја објави референтната вредност на светските цени на храната во октомври годинава, која достигна највисоко ниво во изминатите 18 месеци, поради наглото зголемување на цените на растителните масла.
ФАО ги следи месечните промени на меѓународните цени на прехранбени производи, кои се тргуваат глобално. Врз основа на тоа утврдено е дека во индексот на храната во просек изнесуваше 127,4 поени, што е за два отсто повеќе од септември и 5,5 проценти повисок од октомври 2023 година.
Во соопштението на ФАО се наведува дека индексот на цената на растителните масла е зголемен за 7,3 отсто во октомври, достигнувајќи го двегодишниот максимум. Додека цената на житата минатиот месец забележа раст од 0,9 проценти, а промената е предизвикана од растот на извозните цени на пченицата и пченката.
На глобалната цена на пченицата, според ФАО, влијаеле неповолните временски услови кај главните извозници на северната хемисфера, повторното воведување на неофицијалниот минимален износ на цената во Русија, како и тензиите во регионот на Црно Море.
Подготвено од М.Д.