05.11.2024 Скопје
Владата потврди распуштање и реформи на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители со законски измени преку кои, како што велат, ќе се утврдат строги и објективно мерливи критериуми за исполнување од новите членови што ќе ги предлагаат Собранието и претседателот на државата.
Од владиниот кабинет не откриваат повеќе детали, освен дека идните кандидати ќе се избираат преку јавна постапка која ќе го гарантира квалитетот на избраните членови. Премиерот веќе побара во Собранието двотретинско мнозинство за промена на Уставот заради распуштање на Судскиот совет.
Мицковски минатата недела објави дека за судско-обвинителските реформи се консултирал со хрватскиот врховен судија Бранко Хрватин, кој пак беше на чело на Оценската мисија која го скенираше работењето на Судскиот совет и му испорача 17 задачи за подобрување на неговата независност. Од Владата нема информации дали хрватскиот модел на судски совет ќе биде урнек по кој ќе се реформира судството. Таму советот брои 11 члена, Мицкоски веќе најави дека со новите законски измени бројот на членови во новиот состав ќе се намалел. Во Хрватска седум од членовите доаѓаат од редот на судиите, двајца се универзитетски професори и двајца од Парламентот од кој еден е на предлог од опозицијата. Членовите судии се избираат на тајни избори, како кај нас, а професорите се на предлог од Советот на факултетите по правни науки. Претседателот, пак, на судскиот совет во Хрватска се избира од редовите на членовите-судии.
„За членови на Државниот судски совет не може да се избираат претседатели на судови. Членовите се избираат за период од четири години, со услов никој да не може да биде член повеќе од два пати“, стои во описот на работата на хрватскиот судски совет, каде пак претседателот и неговиот заменик се судии од највисокиот, Врховниот суд.
Претседателката на Институтот за човекови права, Маргарита Цаца Николовска, која беше дел од Советот за реформи во правосудството во рамките на Министерството за правда од минатиот владин состав вели дека уште тогаш ги детектирале проблемите во работата на судскиот совет и предложиле законски измени.
„Јас сум против целосно распуштање на Судскиот совет, а сум за утврдување на индивидуална наместо колективна одговорност, уште повеќе сега кога се отвори дебата за тоа, по последните случувања во Судскиот совет“, изјави Цаца Николовска.
Во својот последен извештај за РС Македонија, Европската комисија во делот за судството изрази загриженост за најавите на актуелната Влада за распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, оценувајќи дека таквите дејства би ја поткопале независноста на судството. ЕК препорача „зајакнување на Судскиот совет преку ревидирање на законодавната рамка за да ги подобри неговите транспарентност и независност, во согласност со препораките на Оценската мисијата за рецензија на неговото функционирање од минатата година“.
На ваквата констатација од Владата велат дека „секогаш кога ќе се отвори темата за распуштање на овие институции, тогаш многумина се загрижени, а преку експерти кои долги години биле послушници на СДСМ и ДУИ, ги бранат позициите дека тоа не може да се направи“.
ВМРО-ДПМНЕ со ново обвинување за партизација на Судскиот Совет и Советот на јавни обвинители.
Од владејачката ВМРО ДПМНЕ со ново обвинување за партизација на Судскиот совет и Советотот на јавни обвинители, преку делегирања на нивни членови во Управниот одбор на академијата за судии и јавни обвинители.
Пратеникот Миле Лефков на прес-конференција обвини дека СДСМ врши упад во Академијата за судии и јавни обвинители, затоа што покрај тоа што во Советот на обвинители и во Судскиот совет, свои членови назначиле и во Управниот одбор на Академијата кои немале право да ги назначат, па така според Лефков за заменик член во Академијата ја назначиле Емел Кранли, братучетка на Ветон Кранли, началник на организиран криминал во време на тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Очигледно е дека Судскиот совет и Советот на јавни обвинители делуваат како испостава на СДСМ. Најновите назначувања во УО на Академијата за судии и јавни обвинители се спротивни на закон и истите треба да се повлечат. Очекуваме Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да ги преиспитаат своите одлуки, а ДКСК и Јавното обвинителство да реагираат по овој упад диригиран од СДСМ, а извршен преку двата совети, рече Лефков на прес-конференцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ се повикуваат на Законот за спречување на корупција и судир на интереси, според кој се забранува избрано или именувано лице истовремено да врши функција на член на орган на управување во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице кое располага со државен капитал.
Партијата и претходно побара оставка од членката на Советот, Антоанета Димовска и од целиот состав затоа што токму таа е номинирана за членка на УО на АСЈО. Од партијата побараа и од Советот на јавни обвинители да ја отповикаат нивната претседателка Душица Димитриеска, која ја назначиле за член на УО на Академијата, а која пак според партијата е мајка на Ема Нешкоска член на Советот на општина Гостивар од СДСМ.
Со соопштение реагираа од Судскиот совет, членовите во УО на Академијата ги номинирале на последната јавна седница, на транспарентен и отчетен начин.
Во конкретниот случај, не може да се примени чл.44 ст.4 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, бидејќи членовите на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители се од редот на судиите и јавните обвинители, кои по закон се веќе претходно избрани и именувани лица, а во поткрепа на законитоста на одлуката на Советот е и досегашната пракса, стои во реакцијата на Судскиот совет.
Членовите на Управниот одбор во Академијата од каде се регрутираат идните судии и обвинители зимаат месечен надоместок кој изнесува 50 % од просечната плата, а имаат и право на патни трошоци.
Подготвено од М.Д.