18.11.2024 Скопје
Вредни предмети се кријат во гостиварското село Равен. Во месноста Каја, кај изворот најдена е статуа „човек со тога“, најголема статуа без глава од овој тип во РС Македонија.
Локалните жители го чистеле изворот во близина на калето и сосема неочекувано наишле на поголем камен. Откако дојдоа надлежните од Општина Гостивар било констатирано дека се работи за уште едно вредно археолошко откритие од овој крај.
Сега статуата се наоѓа во Конзерваторскиот центар во Гостивар. Директорот на центарот Цветко Новаковски вели дека статуа со ваква големина до сега не е пронајдена во РС Македонија.
„Статуи од овој тип, маж облечен во тога, се пронајдени во Аполонија и Бутринт, Албанија. Тие главно беа поставени на јавни места“, изјави Новаковски.
Во атарот на селото Равен и досега беа пронаоѓани вредни археолошки предмети. Некои од топонимите на селото се „кале“, „црква“ и „манастир“.
Подготвено од М.Д.