https://www.flickr.com/photos/casamatita/41616394025

06.11.2024 Скопје

Голготата со јавниот градски превоз продолжува, нема решение на повидок, туку само препукувања за тоа кој е виновен за состојбата. Згора на сè, најголемиот цех за сето тоа го плаќаат граѓаните, кои секојдневно се соочуваат со нервози, поради доцнењето на автобусите, нивното недоаѓање, како и метежот во нив.

За ова, пристигнуваат реакции од партиите, но не и конкретни предлози за надминување на состојбата. Од партијата Левица констатираат дека голготата со јавниот превоз во Скопје како да нема крај и покрај тоа што, како што велат, се смениле бројни директори само во еден мандат на скопската градоначалничка.

Дел од вината за ваквата состојба на ЈСП ревизорите лоцираат и кај Министерството за образование, кое две години по ред не му исплаќа средства на Градот за бесплатниот превоз на средношколците и на студентите, трошок што сега целосно се покрива од градската каса.

Оттаму посочуваат дека како да не е доволно тоа што значително е редуциран бројот на автобуси, па се чека автобус и по 40 минути, ревизорскиот извештај за минатата година покажа и многу други недостатоци во работењето на Јавното сообраќајно претпријатие  „Скопје“ (ЈСП).

Притоа додаваат дека ревизорите констатирале оти претпријатието не ја активирало банкарската гаранција и не ја искористило можноста за казнена наплата кога фирмата „Аитоникс” (која е задолжена за новата Е-Cloud комуникациска платформа, т.е. системот за наплата) не исполнила дел од договорните одредби, со што директно финансиски го оштетиле претпријатието.

Се смета дека од сето она погоренаведено може да се заклучи оти вината за континуирано лошата состојба во ЈСП може да се лоцира во неговото раководството, кое, како што наведуваат, склучувало договори штетни за претпријатието и не поведувало постапки за заштита на неговите интереси, потоа во градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, која на неколку месеци ги менувала директорите на ова претпријатие и не повела постапки за утврдување одговорност за работата на директорите и, секако, МОН, кое, како што истакнуваат, упорно се амнестира од одговорност за својот удел во колапсот на ЈСП.

По вчерашната прес-конференција на приватните превозници, од Град Скопје апелираат до Трајко Славески, како претседател на Советот на Град Скопје, веднаш да ја стави иницијативата за барањето на приватните превозници да се зголеми цената за изминат километар на разгледување пред советниците, со цел деблокирање на овој сегмент од јавниот превоз во главниот град.

Според градските власти, тактиката на мнозинството во Советот е да се креира незадоволство и да се предизвика хаос за граѓаните на Градот Скопје, преку спречување набавка на нови еколошки автобуси и обидот за девастирање на јавниот превоз со неисплаќање на долгот кон ЈСП од 8 милиони евра што го има Владата за превоз на студентите и студентскиот стандард.

Подготвено од М.Д.

About Author