11.11.2024 Скопје
Набрзо откако беше објавено дека германската, таканаречена семафор коалиција, пропадна, се слушаат гласни барања предвремените избори да се одржат што е можно побрзо. Побрзо отколку тоа го замислува канцеларот Олаф Шолц.
Социјалдемократскиот лидер во средата вечерта најави дека планира на 15 јануари во Бундестагот да го постави прашањето за доверба на владата, а тоа значи дека предвремени избори би можеле да се одржат на крајот на март.
Опозицијата, меѓутоа, бара прашањето за доверба на владата и канцеларот да се постави веднаш, за во јануари да можат да идат одржани вонредни избори. Тоа го поддржуваат дури две третини од Германците (64 отсто).
Од друга страна, 33 отсто од нив го поддржуваат планот на канцеларот прашањето за доверба да се постави дури кон средината на јануари, покажува репрезентативната анкета на агенцијата Инфратест димап спроведена меѓу 1.065 граѓани со право на глас.
Одговорноста за крајот на германската влада граѓаните главно им ја припишуваат на либералите (ФДП), чиј шеф е воедно сега поранешниот министер за финансии Кристијан Линднер.
Четириесет отсто од анкетираните сметаат дека таа партија е најодговорна за крајот на коалицијата, секој четврти (26 отсто) смета дека тоа се Зелените, а дури секој петти (19 отсто) за одговорна ја смета партијата на канцеларот Шолц, Социјалдемократската партија на Германија (СПД).
Повеќето Германци, според анкетата, го поздравуваат крајот на „семафор коалицијата“. 59 отсто сметаат дека тоа е „многу добро“ или „добро“, повеќе од секој трет (36 отсто) сметаат дека тоа е „помалку добро“, односно дека е „лошо“.
Подготвено од М.Д.