01.11.2024 Скопје
Во сабота почнуваат конкретните активности за изградба на автопатот Прилеп-Битола, проект кој целиот Пелагонски регион го очекува. За три години ќе имаме нов модерен автопат кој ќе донесе економски развој на Пелагонискиот регион, најави заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски одговарајќи на пратеничко прашање.
Автопатот ќе биде модерен, со вкупно шест ленти, по три во двете насоки и ќе има помошен алтернативен пат.
Од Градско до влезот на Прилеп ќе се вози по експресен пат, таму ќе има еден кружен тек каде лево ќе се влегува во Прилеп, а десно до Битола ќе се вози по нов автопат. За три години од денес, од Скопје до Битола ќе имаме автопатско решение, што значи дека патувањето од Скопје до Прилеп ќе се намали на еден час и десетина минути, а до Битола на еден час и четириест минути. Тоа значи дека ќе се смени динамиката на развој, ќе има раздвижување на економијата, на бизнисот, бидејќи голем дел од БДП-то доаѓа од овој регион – рече Николоски.
Бенефит ќе имаат и општините во тој дел, Кривогаштани, Крушево, Могила, Новаци, Ресен, додаде министерот.
Ова е огромен проект, кој не е виден во Централна Македонија и кој целосно ќе ја промени сликата во Пелагонскиот регион – рече тој.
Николоски потенцирше дека во изминатиот период се соочил со бројни предизвици за овој проект, како што е деминирање на бројни експлозивни направи од Првата светска војна. Со помош на Министерството за одбрана се засилила динамиката на деминирање на теренот и се ослободиле 12 километри за работа.
Најголем проблем, како што рече, била експропријацијата. Во минатите три месеци се решени околу 2.400 предемти за експропријација, за три пати повеќе отколку претходно.
Николоски додаде дека активно се работи и на изградба на експресниот пат Градско -Дреново, кој се очекува да се пушти за сообраќај до Нова година. Се гради и експресниот пат од Дреново до Фариш, кој се очекува да се заврши напролет следната година.
Решивме да не правиме калкулации и да работиме. Експресниот пат беше пред раскинување на договорот, имајќи предвид дека овој патен правец се работи со средства од ЕУ и средства од буџетот. Една и пол година не била формирана комисија со што се соочувале да се раскине договорот, изведувачот да оди на арбитража, со голема можност да ја добие арбитражата. Комисијата ја формиравме, ги надминавме проблемите и активно се работи на изградбата на патот – рече Николоски.
Тој најави дека следната година ЈП за државни патишта ќе избере изведувач за доизградба на експресниот пат од Фариш до Прилеп.
Подготвено од М.Д.