11.11.2024 Скопје
Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто изјави дека победата на републиканецот Доналд Трамп на изборите во САД создаде нова политичка реалност која може да донесе мир во Европа следната година.
Како што објасни министерот, следната американска администрација ќе преземе „мирен пристап“, со кој Сијарто очекува дека ќе се преиспита „целосно неуспешната европска стратегија за снабдување со оружје, користење оружје на руска територија и одобрување нови пакет санкции“.
Победата на републиканскиот кандидат на изборите значи дека има добри шанси „мирот да се врати во Европа следната година“, додаде шефот на унгарската дипломатија.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој одржува блиски односи со Трамп, беше првиот лидер на ЕУ кој му честиташе за победата на претседателските избори во САД.
Трамп претходно ги критикуваше пакетите со помош на САД за Киев, за време на кампањата одби да каже дали сака Украина да победи во војната против Русија. Извори изјавија за Аксиос во петокот дека Трамп и Зеленски неодамна имале телефонски разговор, на кој му се придружил и милијардерот Илон Маск.
Трамп, наводно, изразил поддршка за Украина за време на разговорот, но лидерите не го допреле прашањето за испраќање дополнителна американска помош за Киев или планот на Трамп за примирје.
Подготвено од М.Д.