14.11.2024 Скопје
Зачувувањето на светот е едно од најважните прашања на нашето време, кое е тесно поврзано со зачувувањето на мирот, рече папата Франциско во пораката што во негово име ја пренесе државниот секретар на Ватикан, кардинал Пјетро Паролин на Самитот на ОН за климатски промени КОП29 во Баку.
„Треба да се однесуваме и да живееме како членови на едно семејство кое живее во исто меѓусебно поврзано глобално село“, апелираше папата, пренесе Анса.
Според него, научните податоци кои ни се на располагање не дозволуваат понатамошно одложување на решавањето на ова прашање.
„Тоа прашање е едно од најважните и најитните и мора да признаеме дека е тесно поврзано со зачувувањето на мирот“, ја пренесе Паролин пораката на папата.
Неговата порака исто така го истакна „еколошкиот долг“, особено меѓу северот и југот на светот, потсети кардиналот Паролин.
Таквиот долг е „поврзан со трговскиот дисбаланс“ што влијае на животната средина и со „несразмерното користење на природните ресурси од страна на некои земји на долги временски периоди“, наведува папата.
Подготвено од М.Д.