08.11.2024 Скопје
Словенечката кандидатка за еврокомесар за проширување на ЕУ, Марта Кос, по вчерашното сослушување доби зелено светло од Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент.
Нејзиното неколкучасовно сослушување беше напнато во одредени моменти, особено околу прашањата на претставниците на словенечката опозиција, од партијата на поранешниот премиер Јанез Јанша, за тоа дали бил дел од југословенската Удба. Партијата на Јанша правеше сѐ да ја поткопа канидатурата на Кос.
Во сослушувањето Марка Кос малку ја спомена РС Македонија како кандидат за членство, велејќи дека Скопје мора да ја исполни преземната обврска да го промени уставот. Но нагласи и дека билатералните прашања и спорови не треба да бидат дел од процесот на проширување.
На краток рок, Марта Кос ќе се стреми да ги затвори поглавјата со Црна Гора, да ги отвори преостанатите делови со Албанија и да го отвори основниот преговарачки дел со РС Македонија, Украина и Молдавија. „Решавањето на блокадите во процесот на проширување е централна задача на мојот мандат. Билатералните прашања, без разлика дали се меѓу земјите кандидати или со земјите-членки на ЕУ, предизвикаа големи одложувања во минатото. Без да се негира легитимноста на загриженоста во основата на овие спорови, тие мора брзо да се решат за да не се попречи напредокот на партнерите за проширување и да не се наруши кредибилитетот на процесот“, оцени Кос.
Во своето уводно излагање Кос претстави план за зајакнување на политиката за проширување на Унијата. Таа потсети на пристапувањето на Словенија во ЕУ, додавајќи дека сака да го внесе истиот фокус и енергија во процесот на проширување, како што беше видено во словенечкиот случај.
Таа ја истакна потребата од проширување, поголема ЕУ со спроведување на реформи значи и посилен глас на глобално ниво. „Ќе вложам напори да се осигурам дека идните членки се подготвени за пристапување. Тоа е маратон, а не спринт. Можеме да ги прифатиме само оние членки кои ќе се посветат на европските вредности и принципите на владеењето на правото“, нагласи Кос. Таа најави дека нејзината главна цел ќе биде да ги поддржи земјите кандидати за влез во ЕУ. „Сакам да бидам сигурна дека процесот на проширување е предвидлив и дека имаме силна насока во тој процес“, рече таа.
Преговорите ќе бидат транспарентни и инклузивни, увери таа, додавајќи дека никогаш нема да го компромитира квалитетот на преговарачкиот процес поради неговата брзина. „Нема да се двоумам кога ќе предложам корективни мерки засновани на стагнација и уназадување“, ја спомена таа можноста да се направи чекор назад на патот на кандидатите во случај на негативни трендови.
Живееме во време на длабоки промени, авторитарните режими сакаат колапс на Европа, Украина се бори да го одбрани својот територијален интегритет и е на работ на брутална сила, рече Кос. „Нашата задача е да бидеме најсилниот можен партнер на украинската нација. Поддршката на Украина и отпорот на руската агресија е приоритет за мене“, нагласи таа.
Како што веќе напиша во писмените одговори до пратениците, таа и усно одговори дека помирувањето и регионалната соработка ќе бидат суштински елементи на процесот на проширување на Западен Балкан: „Ќе се вклучам во решавањето на билатералните прашања и ќе барам решенија. Ова не смее да стане пречка на патот кон ЕУ“.
Апсолутен приоритет на Марта Кос (која доаѓа од партијата на премиерот Роберт Голоб, Движење за слобода) е да ја поддржи Украина и да се спротивстави на руската агресија. Според извештајот на словенечкиот весник „Дело“, таа ја истакнала поголемата и реформирана ЕУ како стратешка неопходност.
Расправата заврши со аплауз на пратениците. Според извештаите, Кос добро одговорила на прашањата на европратениците. Политичките групи во комисијата потоа ги подготвија своите оценки, а нивните координатори одлучија дека Марта Косги исполнува условите.
Подготвено од М.Д.