angela_merkel

22.11.2024 Скопје

Во своите мемоари, кои ќе бидат објавени на 26 ноември под наслов „Слобода: Мемоари 1954-2021“, поранешната германска канцеларка Ангела Меркел ги оправда своите напори да го одложи членството на Украина во НАТО за време на нејзиниот мандат, повикувајќи се на страв од можни руски реакции.

Меркел го опиша нејзиното двоумење да го поддржи барањето на Украина за Акционен план за членство (МАП) на самитот во Букурешт во 2008 година. Тогаш беше стопирано членството на Украина во НАТО.

Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел во своите мемоари уште еднаш ја оправда својата политика кон Русија и противењето на Украина да влезе во НАТО.

„Сметав дека желбата на Украина за влез во НАТО мора да биде избалансирана со безбедносните интереси на алијансата во целина“ – пишува Меркел, мислејќи на врските меѓу Украина и Русија, вклучително и руската Црноморска флота стационирана на Крим, која Москва подоцна незаконски ја анектираше во 2014. година.

Таа додала дека верува дека е илузорно да се мисли дека статусот на МАП ќе ја заштити Украина од Владимир Путин или ќе го одврати од акции. Таа го опиша Путин како лидер кој „секогаш е подготвен да казнува“ и не покажува интерес за градење демократски структури.

„Во тоа време само малцинство Украинци го поддржаа членството во НАТО“, напиша Меркел, заклучувајќи дека тогаш не можела да го поддржи членството на Украина.

Сепак, таа призна дека нејасната порака од самитот во 2008 година за идното членство на Украина била провокација за Путин, кој ја сметал за „објавување војна“.

Според Меркел, Путин рекол: – Нема да бидете засекогаш канцелар. Тогаш Украина и Грузија ќе станат членки на НАТО, а јас сакам да го спречам тоа.

Оттогаш, Путин често ја оправдува руската агресија со проширување на НАТО кон границите на Русија, вклучувајќи ја и инвазијата на Украина во 2022 година.

Во мемоарите Меркел откри и како побарала совет од папата Франциско за преговорите со Доналд Трамп во врска со Парискиот климатски договор.

„Свиткајте се, свиткајте се, свиткајте се, но внимавајте да не се скршите“, советувал папата Франциско за време на приватната аудиенција, навела Меркел.

Таа го опиша Трамп како лидер кој размислува „емоционално“ и гледа сè од перспектива на поранешен претприемач со недвижнини, додека нејзиниот пристап е „фактографски“. Според неа, присуството на Путин и други авторитарни лидери на него му оставиле силен впечаток.

Меркел признала дека барањата на Трамп, како што се зголемувањето на германските трошоци за одбрана и обвинувањата за нефер трговија, ги истакнаа слабостите на Берлин, но додала дека неговите критики биле насочени повеќе кон создавање притисок отколку да се најдат решенија.

Нејзините мемоари ќе бидат објавени во повеќе од 30 земји на 26 ноември. Таа ќе ја претстави книгата во САД една недела подоцна на настан во Вашингтон со поранешниот претседател Барак Обама, со кого имала блиски политички односи.

Подготвено од М.Д.

About Author