komiti skopje

21.11.2024 Скопје

Здружението за промоција на спортски активности 35 години Вардарци Скопје кое ги застапува навивачите на „црвено-црните“ Комити , побараа смена на актуелното раководство на ФК Вардар.Новиот сопственик на клубот Атила Бижен Жалили, за извршен директор на Вардар го назначи Миленко Неделковски, додека за неизвршни членови во раководството се именувани Владо Петровски, Александар Кузмановски и Борче Крстовски-Илиоски. Комити се незадоволни од односот кон нив на Неделковски.

Ние никогаш не сме кажале дека имаме стереотипи кон одредени личности, затоа што и ние се бориме со стереотипи цело време. Ние само сметаме дека Неделковски не е за тоа место во Вардар. Не е достоен да биде директор во Вардар. Ние стоиме зад тоа дека на чело на Вардар треба да биде човек кој не го поларизира општеството и не ги политизира нештата во фудбалот и спортот, туку човек кој обединува. Затоа што на РС Македонија и Вардар им требаат само обединување, изјави Милорад Миленковски од „35 години Вардарци Скопје“.

Сепак треба да се нагласи дека во договорот потпишан при предавањето на мнозинскиот (85 %) пакет на акции, Комити управувањето му го доделија на новиот сопственик.

Моравме да го предадеме клубот на друг сопственик, бидејќи финансиската состојба беше независна, а добивме и уверување дека работите ќе се средат. Можеби немаме извршна моќ да ги менуваме внатре работите, но ние сме гласот на ФК Вардар и за секој проблем во клубот ние сме тука да алармираме, додаде Миленковски.

Тој објасни потоа како Миленко Неделковски се најде на клучната позиција.

Средба со владата имавме на 10 јуни и ни кажаа дека имаат решение за Вардар, но треба да ги предадеме акциите. Инсистираа Миленко Неделковски да биде извршен директор. Ние не прифативме, но на 3 јули бевме принудени да му дадеме рака на Миленко и да задржиме 15 отсто од акциите. Договорот со Атила Жалили се завери на 10 октомври и на 11 ноември како што Миленко милува да каже во 11 часот и 11 минути се одржа Собрание на кое се потврдија промените. Еден извршен член е поставен од Атила Жилали, и тоа е Миленко Неделковски. Има уште три неизвршени членови од нивна страна и еден неизвршен член од наша страна. Немаме стереотипи, но кажавме дека Миленко не е достоен за да биде во клубот. На состанокот со претставник од Владата ни беше кажано „или Миленко во Вардар или клубот нема да постои’“, вели Миленковски.

Вардар во моментов, по 14 одиграни кола, е на 11. место во Првата лига со само 11 освоени бодови, односно еден повеќе од последнопласираниот Тиквеш.  Неговите пресметки се дека долгот на Вардар е помеѓу два и три милиони евра.

Подготвено од М.Д.

About Author