13.11.2024 Скопје
Само два дена нè делат од враќањето на легендарниот Мајк Тајсон во рингот, кој ќе го има првиот професионален меч по речиси две децении. Во 2005 година, тој ги закачи ракавиците, барем што се однесува до неговата професионална кариера.
Пред четири години, учествуваше на егзибициски меч против Рој Џонс Јуниор, во меѓувреме, сè уште беше во рингот, но тоа не беа професионални борби. Тоа нема да биде случај со борбата оваа недела, против Џејк Пол, бидејќи мечот ќе биде професионален, и покрај тоа што ќе се носат ракавици од 14 унци и рундите ќе бидат скратени.
Без разлика на апсурдноста, овој меч, сигурно, ќе привлече многу гледачи од целиот свет, барем од љубопитност. Тоа го поткрепува и вкупниот хонорар за овој натпревар, кој, според повеќе извори, изнесува вртоглави 80 милиони долари! Што се однесува до неговата дистрибуција, на Мајк му се загарантирани 20 милиони долари, додека на Џејк – 40 милиони. Останатите 20 милиони може да бидат наменети за Мајк во случај на победа или, пак, да одат кај организаторите и кај другите актери на овој настан.
Иако самиот меч е доста контроверзен, особено поради возраста на боксерската легенда, се чини дека некој решил добро да плати за овој настан. Осумдесет милиони долари за ваков настан се огромна сума, но бидејќи спортот е и забава, не треба да чуди ова премногу.
Подготвено од М.Д.