16.11.2024 Скопје
Еден од најдобрите кошаркари на сите времиња, Леброн Џејмс, полека го најави своето пензионирање. Кралот игра во одлучна форма, против Мемфис оствари нов трипл-дабл (35п, 12а, 14с), со што докажа дека годините се само бројка за него.
По натпреварот против Гризлис, во разговор со новинарите, тој изјави дека е свесен дека наскоро му се ближи 40-тиот роденден и дека не верува дека уште долго ќе игра кошарка на професионално ниво.
Нема да играм уште долго време, да бидам искрен, една-две години. Ќе играм додека не испаднат тркалата – изјави Џејмс.
Освојувачот на златниот медал со репрезентацијата на САД на последните Олимписки игри исполни уште еден сон оваа сезона, да биде на терен заедно со синот Брони. Брони доби мала минутажа на неколку натпревари за Лос Анџелес лејкерс, а потоа беше испратен во развојната Џи лига.
Во својата кариера, Џејмс освои сè што може да се освои. Четири пати беше шампион на НБА-лигата, исто толку пати беше прогласен за МВП на финалето, а во четири наврати беше и МВП на лигата. Исто така, 20 пати беше учесник на ол стар натпреварот, а 13 пати беше член на првата петорка на лигата.
Подготвено од М.Д.