20.11.2024 Скопје
Германскиот амбасадор во Косово, Јорн Роде објави дека, во согласност со германските закони, политичките партии од Косово веќе немаат право да водат изборна кампања на германска територија.
Во објава на својата страница на „Х“, Роде ги пренесе одредбите од специфичен правилник, според кој, германските власти не даваат дозвола политички партии од друга држава да одржуваат митинзи на германска територија во периодот од три месеци од датумот на изборите.
За Косово, бидејќи изборите ќе се одржат на 9 февруари, тоа значи дека кампања во Германија не може да се одржува од 9 ноември.
Роде објави дека за регулативата го информирал Министерството за надворешни работи на Косово и политичките партии.
Косовските политички партии во последните денови организираа митинзи во различни европски земји со тамошната косовска дијаспора.
Подготвено од М.Д.