04.11.2024 Скопје
Од неговото лансирање пред 124 години во Франција, Мишелин водичот остана најпрестижниот систем за оценување на ресторани во светот.
Рестораните ширум светот кои се во нивниот избор нудат исклучително квалитетна храна и услуга, а истото важи и за цената. Сепак, постојат и подостапни варијанти на ресторани со нивна препознатливост, а тоа го потврдуваат и најновите истражувања.
Новото истражување на меѓународниот магазин за храна покажува дека посетата на некој од овие посебни ресторани не е евтина, просечната цена по лице е 167 евра. И тоа не ја вклучува цената на пијалоците, евентуални додатоци или бакшиш. Треба да се напомене дека од 2024 година, во Мишелин водичот има повеќе од 3.500 ресторани во повеќе од 40 земји низ светот.
Како што е обичај со другите работи, Европа е дом на најскапите ресторани во светот. Сепак, тоа е и местото каде што можете да ги најдете рестораните со најприфатлива цена.
Водичот Мишелин ги рангира рестораните од една до три ѕвезди, во зависност од квалитетот на храната и искуството што го нудат. Цената зависи и од бројот на ѕвезди. Во просек, за секоја наредна, почнувајќи од првата, цената се зголемува за околу 93 евра по лице.
Данска не е само во Европа, туку е и најскапото место во светот за вечера во ресторан со ѕвезда Мишелин. Оброк, т.е. врвното мени за дегустација во оваа нордиска земја е во просек 295 евра по лице. Меѓутоа, доколку ресторанот се наоѓа во Копенхаген, цената се искачува на неверојатни 416 евра, пренесува Екапија. Иако е релативно мала земја, Данска има 32 Мишелин ресторани, вклучувајќи два кои можат да се пофалат со дури три ѕвезди.
На второ место е Исланд, со просечна цена на Мишелин мени од 233 евра по лице. Следуваат Шведска, Австрија и Швајцарија со цена од 206, 203 и 201 евро по лице.
Норвешка, Португалија, Германија, Унгарија и Полска се исто така во првите 10 најскапи земји, но цените во нивните ресторани за менија за дегустација се под 200 по лице, што ги прави малку попристапни од првите пет.
Покрај најскапите, тука се и најевтините ресторани со Мишелин ѕвезди во Европа. Малта е секако најприфатлива опција и има пет ресторани со такво обележје, а цената на оброкот е околу 125 евра по лице.
Грција е втората најевтина опција во Европа со просечна цена од 132 евра за оброк во еден од 12-те Мишелин ресторани. Во моментов, сите тие се со седиште во Атина, бидејќи водичот допрва треба да ја прошири својата покриеност низ целата земја.
Свое место на листата на земји со поволни цени обезбедија и Словенија, Белгија и Турција, а во нив оброк во наградуваните ресторани чини нешто помалку од 140 евра, пренесува Бизнис.ба.
Помеѓу Малта и Грција, Кина е на четврто место. Огромната азиска нација нуди оброк од 128 евра по лице, а на списокот има дури 122 ресторани со ѕвезди.
Подготвено од М.Д.