inflacija-8-696x392.jpg

26.11.2024 Скопје

Во услови на континуирано зголемување на платите, македонските граѓани се соочуваат со парадоксална ситуација: растот на цените на основните прехранбени производи ги надминува зголемувањата на приходите, што резултира со намалување на реалната куповна моќ.
Според податоците на Сојузот на синдикатите на РС Македонија (ССМ), во ноември 2024 година, трошоците за храна за четиричлено семејство се зголемени за 772 денари во однос на претходниот месец, а од јануари досега – за преку 4.800 денари.

Економските експерти ја објаснуваат оваа појава со несоодветноста меѓу растот на платите и продуктивноста.

„Платите во Северна Македонија растат побрзо од растот на Бруто домашниот производ (БДП), што доведува до пад на продуктивноста. Овој тренд предизвикува загриженост поради ризици од натамошно продолжување на инфлацијата“, велат екомомистите.

Иако официјалните податоци покажуваат тренд на намалување на инфлацијата, цените на основните производи продолжуваат да растат.

Трошоците за месечна потрошувачка за едно четиричлено семејство, според пресметките, надминуваат 1.000 евра, што е сериозен предизвик за мнозинството граѓани.

Најмногу страдаат семејствата со пониски приходи, кои често зависат од минималната плата.

Ситуацијата дополнително го отвора прашањето за ефикасноста на владините мерки за контрола на цените и стабилизација на пазарот.

Во извештаите е наведено дека неодамнешните мерки за ограничување на цените имале краткорочен ефект, но потоа цените повторно се вратиле на повисоко ниво.

Граѓаните остануваат соочени со секојдневен предизвик да го одржат својот животен стандард во услови на растечки трошоци за живот.

Решението, според експертите, бара координирани напори од Владата, трговците и синдикатите, со цел да се обезбеди стабилност на цените и да се заштити куповната моќ на населението.

Во овој контекст, Владата е повикана да преземе поефикасни мерки за регулација на цените на основните прехранбени производи, а економските реформи да бидат насочени кон одржување на стабилноста на пазарот.

Без тоа, зголемувањето на платите останува само привидно решение кое не одговара на вистинските потреби на граѓаните.

Подготвено од М.Д.

About Author