20.11.2024 Скопје
Германската економија ќе ослабне и во четвртиот квартал, предупреди централната банка, отфрлајќи ги оптимистичките прогнози дека растот би можел да забрза кон крајот на годината.
Иако прелиминарните податоци покажаа дека германскиот бруто домашен производ (БДП) неочекувано се зголемил за 0,2 отсто во трите месеци што завршуваат во септември, Бундесбанката смета дека нема многу докази дека ситуацијата е суштински подобрена, односно дека трендот сега покажува раст.
„Падот на активноста во германската економија најверојатно ќе продолжи и во четвртиот квартал“, предупреди централната банка во последниот месечен извештај.
Инфлацијата стивна, а платите пораснаа, па многу граѓани покажуваат знаци на релаксација, откри Бундесбанката, истакнувајќи дека повисоките државни трошоци досега ја штителе економијата од рецесија.
Индустријата и градежништвото ќе бидат тежина на економската активност кон крајот на годината, предупредуваат тие.
Високите трошоци за финансирање на градежништвото и изразената неизвесност во економската политика ќе продолжат да ги задржуваат, како што проценуваат тие, инвестициите и побарувачката за градежни услуги и капитални производи.
Извозот почна да закрепнува, но глобалната побарувачка за германски стоки е сè уште слаба, истакнува Бундесбанката.
Германската индустрија е под голем притисок да се прилагоди на променливите структурни услови, како во домашните производствени капацитети, така и на светските пазари.
Граѓаните, пак, мора да се подготват за нешто посилен раст на цените во наредната година, предупредува централната банка.
Минатата година и цените на енергенсите и цените на патувањата значително паднаа кон крајот на годината, што ја намали инфлацијата, но ниската компаративна основа повеќе не влијае на бројките, забележуваат тие, потсетувајќи дека стапката на инфлација повторно порасна во октомври, по пониските вредности во претходните два месеци.
На почетокот на следната година се очекува раст на премиите за приватното здравствено осигурување и цените на билетите за јавен превоз, нагласуваат од Бундесбанката, а значителниот раст на платите ќе го поддржи високото ниво на цените на услугите.
Подготвено од М.Д.