15.11.2024 Скопје
Германската биофармацевтска компанија BioNTech објави дека ќе го купи кинескиот Biotheus, потврдувајќи ги плановите за пренасочување на фокусот од вакцина против Ковид-19 на иновативни лекови за рак.
BioNTech ќе плати до 950 милиони долари за Biotheus, вклучително и претплата од 800 милиони долари, се вели во соопштението за печатот објавено вчера.
Аквизицијата ќе му обезбеди на BioNTech глобалните права на потенцијалниот иден лек BNT327, кој веќе е во напредна фаза на клинички развој, со „охрабрувачки резултати“ од клиничките испитувања, истакна германската компанија.
Тестовите опфатија повеќе од 700 пациенти кои боледуваат од различни видови тумори и резултатите се охрабрувачки, објави BioNTech.
Сметаме дека активната состојка BNT327 може да биде нов стандард во лекувањето на одредени видови на рак, изјави ко-основачот и извршен директор на BioNTech, Угур Сахин.
До крајот на оваа година и во 2025 година, компанијата објави неколку студии за ефикасноста на активната состојка во лекувањето на ракот на белите дробови и дојката. Тие потврдија и дека првата дозвола планираат да ја добијат во 2026 година.
Раководството во август посочи дека се свртува кон „активности кои не се поврзани со ковид-19“, истакнувајќи дека во вториот квартал дури 90 отсто од капиталните трошоци, од вкупно 525,6 милиони евра, насочиле кон онкологија и препарати за борба против заразни болести.
„Ние напредуваме кон нашата цел, која треба да ни обезбеди позиција на компанија со одобрени лекови за рак и заразни болести“, рече тогаш Сахин.
Во периодот од јануари до септември, вкупниот износ на инвестиции изнесува 1,64 милијарди евра и е за 36,3 отсто поголем од лани, се вели во извештајот за третиот квартал објавен на почетокот на минатата недела.
Преземањето на кинеската компанија со околу 300 вработени треба да биде склучено во првиот квартал од следната година, а германската компанија ќе стане сопственик и на истражувачко-развојниот центар и на производниот капацитет во Кина.
Подготвено од М.Д.