13.11.2024 Скопје
Германците би можеле да излезат на гласање на 23 февруари, според извештаите на локалните медиуми, откако внатрешните судири минатата недела доведоа до колапс на владејачката коалиција во земјата.
Канцеларот Олаф Шолц и лидерот на најголемата опозициска партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Фридрих Мерц, постигнаа договор гласањето за недоверба да се одржи на 16 декември, а изборите ќе следат во февруари следната година.
Шолц претходно предложи гласањето за недоверба да се одржи на 15 јануари, а изборите да се закажат за март. Сепак, Мерц го отфрли овој предлог, тврдејќи дека владата на Шолц повеќе не може да се потпира на парламентарното мнозинство за ефективно да управува со земјата.
Според локалните медиуми, лидерите на конзервативната ЦДУ и Социјалдемократите (СПД) на Шолц постигнале договор во вторникот, додека за вечер е планирана посебна седница на која ќе се разговара за понатамошните чекори.
Федералните избори првично беа закажани за крајот на следната година.
Подготвено од М.Д.