boximage-6

18.11.2024 Скопје

Фолна киселина ќе биде прописно и законски додадена во производството на интегрално пченично брашно во Велика Британија, со цел спречување и намалување вродени дефекти… Имено, оваа супстанција би можела да спречи околу 200 случаи на дефекти на невралната туба кај бебињата, што значи подобро здравјето и за малечките, и за бремените жени, соопшти британската Влада.

Властите им даваат рок на производителите до крајот на 2026 година да ги направат потребните прилагодувања.

Научниците ја поздравија одлуката на Владата. Фолната киселина е особено важна во раната бременост бидејќи помага во правилниот развој на мозокот, черепот и ‘рбетниот мозок на детето. И според Националната здравствена служба, идните мајки и жените кои се обидуваат да забременат треба да земаат додатоци на фолна киселина – советуваат лекарите. Инаку, брашното е веќе прописно збогатено со калциум, нијацин, тијамин и железо – заради подобро јавно здравје.

Соопштението следи по здравствените подобрувања во други земји, како Австралија и Канада, каде што оваа практика е веќе во сила.

Некои стручњаци, сепак, велат дека промената не опфаќа доволно и оти треба да се вклучат повеќе намирници. Нина Моди, професорка по Неонатална медицина на Империјалниот колеџ во Лондон, смета дека ова ќе ги стави во ризик жените кои се чувствителни на глутен, и кои јадат ориз наместо леб и интегрални производи.

Фолната киселина, позната и како витамин Б-9, се наоѓа во секојдневната храна како грав и зелен зеленчук, што значи дека повеќето луѓе добиваат доволно преку редовна, здрава исхрана.

Независното советодавно тело на Владата ги проучи сите докази и ја поздрави одлуката за збогатување на брашното. Стручњаците сметаат дека тоа е правилен начин на дејствување за целото општество. Од новата мерка ќе бидат изземени малите мелничари кои произведуваат помалку од 500 метрички тони брашно годишно.

Подготвено од М.Д.

About Author