13.11.2024 Скопје
„Европејците не ни ги земаат автомобилите. Тие не ги земаат нашите земјоделски производи. Но, тие продаваат милиони и милиони автомобили на Соединетите Американски Држави. Ќе мора да платат висока цена за тоа“, рече Трамп за време на изборна кампања.
Победата на Доналд Трамп на изборите во САД повторно ги разгоре стравувањата во Европа дека тој би можел да воведе царини за увезената стока и да започне нова трговска војна.
Освен за Германија, Ирска и Италија, потенцијалните даноци од 10 отсто на сите увезени производи од ЕУ би можеле значително да влијаат и на другите земји-членки.
Иако републиканецот е прилично непредвидлив, лидерите на ЕУ се подготвуваат за сите можни сценарија, вклучително и можни царини од 10 проценти.
Кои земји од ЕУ би биле најмногу погодени од царините на Трамп?
Во 2023 година Германија беше најголемиот извозник во САД, а станува збор за стоки во вредност од 157,7 милијарди евра, покажуваат податоците на Евростат. Потоа следат Италија (67,3 милијарди евра) и Ирска (51,6 милијарди евра).
Заедно, овие три земји сочинуваат 55 отсто од европскиот извоз во САД.
Минатата година Франција извезла стоки во вредност од 43,9 милијарди евра, Холандија – 40,5 милијарди, Белгија – 31,3 милијарди и Шпанија – 18,9 милијарди.
Може да се каже дека Ирска е најмногу зависна од трговијата со САД бидејќи повеќе од 26,6 отсто од производите наменети за извоз биле испратени во таа земја.
Следуваат Финска, Италија и Германија.
Меѓу четирите најголеми економии на ЕУ, Франција извезува 7,3 отсто од производите во САД, а Шпанија 4,8 отсто.
Нордиските земји, исто така, значително извезуваат во САД. Шведска испраќа 8,9 отсто од извозните стоки во САД, а Данска 8,3 отсто.
Бројки над 5 проценти се застапени и во Австрија (7,1), Португалија (6,8) и Белгија (6,3).
Во дури десет земји, уделот на извозните стоки што одат во САД надминува 10 проценти.
Тоа значи дека потенцијалните царини на Трамп од 10 проценти би можеле значително да влијаат не само на Ирска, Германија или Италија, туку и на голем број други земји.
На пример, САД се најголемиот трговски партнер на Финска со исклучок на Европската унија, а тоа особено се однесува на производството на челик, хартија, машини и технолошкиот сектор.
Подготвено од М.Д.