29.11.2024 Скопје
Работиме на креативни решенија за надминување на блокадата на РС Македонија, но се мора да биде во рамки на преговарачката рамка која не може да се менува. Ова е ставот на Брисел од каде велат дека уставни измени со одложено дејство не се опција и дека можеби треба да се најде друг начин да се испрати сигнал за продолжување на пристапниот процес на РС Македонија.
Креативното решение, како што велат, на кое се работи е давање на некаква форма на гаранции дека нема да има нови билатерлани блокади за земјата, што би дало импулс во РС Македонија за носење на уставните измени.
Во меѓувреме во Брисел сметаат дека дијалогот меѓу двете земји мора да се рестартира.
Во Брисел велат дека македонската влада треба да почне да размислува за разговори со техничката влада во Бугарија, во услови на политичка криза кога нема политичка влада во Софија, бидејќи сите политички партии во Бугарија се обединети и единствени по прашањето на РС Македонија и кој и да дојде на власт таму, по тоа прашање, позицијата е константна.
Земјите кои поинтензивно работат на пронаоѓање на креативно решение, како што велат во Брисел, се Франција и Германија, но наведуваат дека РС Македонија има и многу други пријатели меѓу земјите-членки.
Инаку, во Брисел во моментов се работи на клучните документи за РС Македонија како што е Акцискиот план за правата на малцинствата, од каде се на став дека на овој документ не треба многу да се политизира поради спорот со Бугарија, но сепак наведуваат дека кога тој ќе се најде пред сите земји-членки на усвојување секоја од нив ќе има можност да даде свои забелешки на него, вклучително и Бугарија.
Во Брисел се свесни дека кога се вели дека проширувањето е повторно на агендата на Унијата со земјите од Западен Балкан во земјите од регионот звучи како фраза, но уверуваат дека тоа не е така и оти ЕУ има политички, морален и геополитички императив да ја обедини Европа.
Подготвено од М.Д.