meta

15.11.2024 Скопје

Европската Унија ја казни Мета, која е сопственик на Фејсбук, со 800 милиони евра за, како што рече, „злоупотребувачки практики“ во врска со малите реклами на мрежата Маркетплејс.

Европската комисија ја изрече казната откако нејзината долга истрага утврди дека компанијата ја злоупотребила својата доминантна позиција и се вклучила во антиконкурентно однесување.

Комисијата ја обвини Мета дека ја задушува конкуренцијата со тоа што го врзува својот онлајн бизнис со класифицирани огласи преку својата социјална мрежа, автоматски изложувајќи ги корисниците на Фејсбук и на Маркетплејс, „сакале или не“, и на тој начин исклучувајќи ги сите нејзини потенцијални конкуренти.

Исто така, се тврди дека Мета наметнала нефер услови за тргување со условите за користење што ја овластиле компанијата да користи податоци поврзани со реклами, генерирани од конкурентни платформи за класифицирани реклами на Фејсбук или на Инстаграм, во корист на Маркетплејс.

Практиките на Мета ѝ дале „предности што другите даватели на услуги огласи на интернет не можат да ги остварат. Ова е незаконско според правилата на ЕУ. Мета мора да престане со ова однесување веднаш – рече извршниот потпретседател на Комисијата задолжена за политиката на конкуренција, Маргарет Вестагер, во соопштението за медиумите.

Мета во соопштението рече дека одлуката не докажува каква било штета што наводно им ја нанела на ривалите или на потрошувачите и дека „ја игнорира реалноста на просперитетниот европски пазар за онлајн продажба“.

Компанијата рече дека Комисијата го игнорирала фактот дека корисниците на Фејсбук можат да изберат дали да пристапат на Маркетплејс.

Тие исто така истакнаа дека онлајн пазарите, вклучително и глобалните страници како што се Ибеј, платформите ширум Европа, како што е „Винтед“, и националните услуги продолжуваат да растат.

Мета рече дека ќе ја исполни наредбата на комисијата да ја прекине практиката и да не ја повторува, но посочи дека ќе поднесе жалба.

Подготвено од М.Д.

About Author