18.11.2024 Скопје
Шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на социјалната мрежа X изјави дека Европската унија е подготвена да ги запре испораките од Русија, откако австриската компанија ОМВ објави дека руската државна компанија за производство на природен гас „Гаспром“ престанала да го снабдува со гас.
Подготвени сме за ова и се подготвивме за зимата. Складиштата на гас во Европската унија се полни, напиша Фон дер Лајен.
Таа додаде дека ден претходно во име на Европската унија им изразила поддршка на канцеларот Карл Нехамер и на Австрија.
Сепак, набавката на руски гас очигледно не е прекината. Москва постојано истакнуваше дека Западот направи сериозна грешка кога ги напушти руските јаглеводороди и падна во нова зависност, па сега тие земји треба да купуваат руска нафта и гас преку посредници и по повисоки цени.
„Гаспром“ одби да го коментира прекинот на протокот кон Австрија, но руската компанија објави дека денеска преку Украина ќе испрати 42,4 милиони кубни метри гас во Европа, исто колку во петокот и секој втор ден во последните месеци.
Прекинот настана откако ОМВ објави дека ќе престане да плаќа гас на австриската филијала на „Гаспром“ за да ја надомести загубата од 230 милиони евра поради претходниот прекин на испораките на гас за германската подружница.
Неодамна австриски „Курир“ објави дека рускиот државен енергетски гигант „Гаспром“ испорачува меѓу 80 и 90 отсто од австрискиот гас.
Подготвено од М.Д.