eu struja

26.11.2024 Скопје

Електричната енергија повторно станува главна тема на економските и индустриските дискусии, откако цените на берзите достигнаа алармантни нивоа, надминувајќи 400 евра за мегават-час.

Овој тренд, според претставници на производната индустрија, носи ризик за нова спирала на поскапувања, која би можела сериозно да ги загрози производителите и потрошувачите.

„Во само еден месец, цената на струјата порасна за над 200 проценти. Ако продолжи ова темпо, ќе се најдеме во ситуација кога многу производители ќе бидат приморани да ги зголемат цените на производите, а тоа ќе влијае на инфлацијата“, предупредуваат експертите за енергетика.

Производителите веќе побараа итна реакција од Владата. На средба со министерот за економија тие предложија да не се воведуваат ограничувања на цените на производите, со оглед на дивеењето на цените на струјата.

Според нив, таквите мерки би можеле дополнително да ја дестабилизираат индустријата.

Од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) појаснуваат дека малите потрошувачи имаат можност да се вратат на регулираниот пазар, што би им донело поголема стабилност.

„Поголемиот дел од малите потрошувачи, кои лани во ноември се префрлија на слободниот пазар поради пониските цени, сега се соочуваат со нови предизвици. Регулираниот пазар може да биде решение за нив, но секој потрошувач мора да направи детална анализа пред да донесе одлука“, изјавија од РКЕ.

Трендот на префрлање на слободниот пазар започна минатата година, кога цените на струјата беа ниски.

Лани, околу 17.000 мали потрошувачи преминаа на слободниот пазар, привлечени од пониските цени. Сепак, сега, со растот на цените, многумина од нив размислуваат за враќање на регулираниот пазар, кој нуди поголема предвидливост.

„Се наоѓаме во критичен момент за енергетската политика. Владата мора да најде балансирано решение, со кое ќе се заштитат и производителите и потрошувачите. Враќањето на регулираниот пазар е опција, но тоа не смее да биде краткорочна мерка, туку дел од поголема стратегија“, објаснуваат експертите.

Енергетската криза, според економистите, ќе продолжи да влијае врз економијата, а стабилноста на пазарот на електрична енергија ќе биде клучен фактор за избегнување нови ценовни шокови.

Подготвено од М.Д.

About Author