20.11.2024 Скопје
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини предлага домаќинствата и малите потрошувачи да можат да купуваат струја според концептот „динамична цена“ наместо да ја плаќаат како фиксна кај универзалниот снабдувач (во случајов ЕВН Хоме).
Според дополнителните и најнови предложени измени на Законот за енергетика, домаќинствата ќе може да купуваат струја од снабдувачи со динамична, односно тековна цена, каква што е во моментот на пазарот. Бидејќи оваа цена е варијабилна, потрошувачот ќе може да ги користи периодите кога таа е ниска.
Снабдувачот ќе треба да им обезбедува постојани информации на потрошувачите за цената на струјата преку паметни мерни уреди, а своја улога како обезбедувач на информации и контрола ќе има Регулаторната комисија за енергетика.
Од Министерството за енергетика, на нашето прашање колку е веројатно ова да профункционира во пракса и колку време ке биде потребно овој концепт да се воспостави, велат дека оваа можност веќе е започната да се имплементира во некои земји од Европската унија.
Оваа новина, која почнува да се имплементира во дел од земјите од Европската Унија, ја инкорпорираме и во нашето законодавство како дел од усогласувањето со европските стандарди. Министерството за енергетика смета дека, воведувањето на можноста домаќинствата и малите потрошувачи да склучуваат договори со снабдувачи на електрична енергија по динамична цена, е изводливо и во интерес на граѓаните, бидејќи ова ќе им овозможи флексибилност и оптимизирање на трошоците во согласност со реалната потрошувачка. Искуствата и праксата покажуваат дека потребното време за целосна имплементација зависи од техничките подготовки и договорите со снабдувачите. Што секако ќе биде во координација со потребите на потрошувачите и ќе се развива паралелно со прилагодувањето на потребите на пазарот и техничките капацитети, велат од министерството.
Од таму додаваат дека потрошувачите – во слуачјов домаќинствата и малите потрошувачи, ќе треба да инсталираат посебно броило во договор со снабдувачот за плаќање на електричната енергија по динамична (променлива) цена.
Во однос на евентуалните трошоци за корисниците, единствениот можен почетен трошок би бил за инсталирање ново броило со опција за далечинско читање. Министерството се стреми да се минимизираат дополнителните трошоци, со цел да го направи овој модел достапен за што поголем број граѓани без дополнителен финансиски товар, гласи одговорот од Министерството за енергетика.
Подготвено од М.Д.