Vlada-Mickoski

13.11.2024 Скопје

Владата е фокусирана на вистински капитални инвестиции, пример се вложувањата за општините и реализацијата на Коридорот 10д. За следната година во Буџетот се предвидени 50,5 милијарди денари за вложувања во инфраструктура, автопати, водоводи, канализации, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новонарско прашање за капиталните инвестиции за следната година.

Во одговорот тој се осврна и на дилемите во врска со договорот за автопарите што ќе ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“, а за што договорот го потшиша претходната власт.

Ние сме фокусирани на вистински капитални инвестиции, тоа го гледате и во општините, тоа се гледа и на терен. Скоро бевме тука за да ја отпочнеме реализацијата на проектот за Коридорот 10д, кој автопатски ќе ги поврзе Прилеп и Битола. На почетокот имавме дилема кој пат да го фатиме. Првиот пат беше да излеземе од тој проект, а со тоа македонските граѓани да плаќаат стотици милиони евра пенали, поради катастрофалниот договор што го прифатила претходната Влада или второто беше да работиме, да го забрзаме процесот и тој што побргу да се реализира. Ние одлучивме второто да го правиме, бидејќи јас сакам да имаме автопати. Тие се дел од нашата програма и бевме свесни дека мора двапати повеќе со покрупни чекори да работиме за да можеме да ја стигнеме динамиката, за да можеме да го надоместиме тоа што беше испуштено од претходната Влада – рече Мицкоски.

Сега веќе се работи на две секции од четирите, додаде Мицкоски, а третата се подготвува.

За четвртата, Требеништа-Ќафасан, имаме проблеми, бидејќи дел од делницата е во периметарот што е заштитен од УНЕСКО, дел е во приватни парцели. Работиме и на тоа. Не направивме два пати побрзи чекори, четири пати побрзи направивме. На потегот од Прилеп до Битола од 1.200, 1.300 парцели, 850 веќе се решени, очекувам и другите. Армијата работи на деминирање на теренот, бидејќи на овој потег била линијата на фронтот во минатото. Така што, сите капитални инвестиции се реализираат и за следната година во Буџетот се предвидени околу 50,5 милијарди денари (820 милиони евра) – рече Мицкоски.

Тој вели дека во таа сума не се предвидени трансфери, а претходната Влада шпекулативно трансферите ги пријавуваше како капитални инвестиции.

Ќе земат 200 милиона, ќе ги префрлат на некои од јавните претпријатија за да можат да обезбедат ликвидност при тековното работење и тоа го декларираа како капитална инвестиција. Тоа се трансфери, тоа нема никаква врска со капиталните инвестиции и токму од тие причини граѓаните тоа не го чувствуваа во својот стандард. Ние имаме вистински реални капитални инвестиции! Само еден податок ќе ви кажам за да имаме јасна претстава. До 24 јуни буџетскиот дефицит и реализираните капитални инвестиции беа три спрема еден, 18 милијарди на шест милијарди. Заклучно со месец октомври буџетскиот дефицит е под 24 милијарди. Капиталните инвестиции се околу 19 милијарди и тие до крајот на годината би требало да се  спојат, што претставуваше наше основна задача, бидејќи за тоа што се задолжуваме тоа да го вложуваме преку капиталните инвестиции за да имаме додадена вредност – информираше премиерот Мицкоски.

Подготвено од М.Д.

About Author