06.11.2024 Скопје
Доналд Трамп прогласи победа на претседателските избори во САД, што претставува негов неверојатен политички камбек, четири години откако ја напушти Белата куќа.
„Америка ни даде моќен мандат без преседан“, кажа Трамп пред своите поддржувачи во Палм Бич, Флорида.
„Фокс њуз“ прв ја прогласи победата на Трамп откако стана јасно дека тој победил во клучната сојузна држава Пенсилванија, што му донесе вкупно 266 електорски гласови, четири помалку од она што е потребно да се стане претседател. Трамп претходно победи во уште две колебливи сојузни држави, Северна Каролина и Џорџија и има водство во останатите четири.
Камала Харис засега е на 218 електорски гласови, додека се чекаат официјалните резултати од уште седум сојузни држави.
Трамп вети дека доаѓа златна доба за Америка.
„Ова беше движење какво што досега не е видено, верувам најголемото политичко движење во историјата. Сега ќе достигне и ново ниво на важност зашто ќе ѝ помогнеме на нашата земја. Имаме земја на која ѝ треба помош. Ќе ги средиме нашите граници, ќе средиме сѐ во нашата држава. Секој ден ќе се борам за вас и нема да се смирам додека не ја направам Америка силна, безбедна и просперитетна држава. Ова навистина ќе биде златна доба за Америка“, изјави Трамп.
Велејќи дека со причина преживеал обид за атентат, Трамп кажа дека ќе ја води својата влада под мотото „дадени ветувања, одржани ветувања“.
„Ова засекогаш ќе остане запаметено како денот кога американскиот народ ја врати контролата врз својата земја“, додаде Трамп.
Подготвено од М.Д.