20241117192419

18.11.2024 Скопје

Минатогодишните олабавени регулативи во Германија за имиграција на квалификуван персонал ќе доведат до издавање на околу 200.000 професионални визи во 2024 година, што е десет отсто зголемување во споредба со претходната година, соопшти германската влада.

За 20 отсто е зголемен бројот на визите за студенти од трети земји, за практиканти двојно, а признавањето на странските квалификации е зголемено за речиси 50 отсто во однос на претходната година, се вели во објаснувањето.

„Сакаме да привлечеме квалификувани работници и професионалци кои на нашата економија итно и беа потребни со години“, рече министерката за внатрешни работи Ненси Фезер.

Владата сака да одговори на критичниот недостиг, бидејќи во 2024 година Германија имаше 1,34 милиони слободни работни места.

Коалициската влада на социјалдемократскиот премиер Олаф Шолц, во сојуз со Зелените и Либералите, во јуни 2023 година усвои амандман на Законот за имиграција, воспоставувајќи бод систем инспириран од канадскиот модел, како одговор на недостигот на работна сила во земјата.

Годишен дефицит од 400.000 работници

Сега е полесно за странците кои не се државјани на земја од ЕУ да влезат на германскиот пазар на труд и да го донесат своето семејство во земјата.

Меѓу критериумите кои овозможуваат добивање на потребните поени се познавањето на јазикот, професионалното искуство, возраста и односите со таа земја.

Реформата за имиграција сè уште слабо функционира во земја која се соочува со стареење на населението и годишен недостиг од 400.000 работници, според министерката за надворешни работи Аналена Баербок.

Работниците се дефицитарни во секторите како што се здравството, услугите, занаетчиството и технологијата.

Бројот на вработени во Германија за пет години се зголемил за 1,6 милиони, што е 89 отсто – благодарение на странците. Без нивниот придонес, бројот на вработени ќе беше намален во 2023 година.

Владата сака да ја забрза процедурата за добивање визи, меѓу другото и со целосна дигитализирање на постапката.

Од 2023 година, главните визи за професионална миграција може да се бараат онлајн во повеќе од половина од конзулатите, а се очекува до 2025 година тоа да ги опфати сите конзулати.

Подготвено од М.Д.

About Author