13.11.2024 Скопје
Власта полека почна да ја подготвува јавноаста дека сепак можно е од јануари да има зголемување на цената на електричната енергија.
Ако пред еден месец изјавите на премиерот и останатите надлежни од областа на енергетиката беа дека нема шанси струјата да поскапи, сега работите се поинакви. Дали пресметките и ситуацијата од пред три недели и сега не се исти ќе се знае точно на 15ти кога ЕСМ ќе ја достави понудата до Универзалниот снабдувач. Останатите енергетски компании кои се вклучени во пресметката веќе побараа енормно зголемување на нивните услуги, но најголем дел од нивните побарувања не се прифатливи за Регулаторната комисија за енергетика.
Од стабилен енергетски сектор кој нема да доживее потреси, а со тоа и нова повисока цена на електричната енергија, сега изјавата на премиерот предизвика несигурност во јавноста во однос на тоа какви сметки за струја ќе добиваат македонските граѓани од први јануари. Ако е утеха, сметките нема да бидат многу високи но не се исклучува можноста за поскапување.
„Не очекувам да има зголемување од 10, 15 или 20 отсто како што е тоа случај со многу држави од регионот и Европа. Очекувам ако има да биде незначително од 1 до 2 проценти. Не очекувам поголемо до тоа да биде“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика не сака да шпекулира и предвреме да најавува каква цена ќе имаат граѓаните за струја од Нова година. Најбитно според него е цената која државните електрани ќе ја понудат на тендерот на ЕВН ХОУМ или Универзалниот снабдувач и дпоплнително која количина на струја ќе биде договорена.
„Најбитните елементи што ќе ни влијаат на одлуката која ќе се применува од 1 јануари се трошоците за набавка на загуби на електрична енергија во преносната и во дистрибутивната мрежа и ќе зависат и од трошокот за набавка на електрична енергија што ќе го распише универзалниот снабдувач. Во најголем дел тие трошоци зависат од цените кои ќе бидат понудени на тендери. Секогаш сум бил противник на какви било екстремни шокови во однос на цената на електричната енергија, така што не очекувам ни сега да има некои проблематични цени во однос на тоа што сме го имале во претходниот период“, изјави пред неколку дена Бислимовски.
Според информациите кои се познати во јавноста, енергетските компании веќе од регулаторот побараат енормно зголемување на нивните услуги и тоа од 50 до 80 отсто. Најголемиот дел од тие барања се неприфатливи за регулаторот.
Подготвено од М.Д.