21.11.2024 Скопје
Романија и Бугарија би требало наскоро да станат полноправни членки на Шенген зоната на слободно патување, бидејќи се очекува Австрија по повеќе од десет години противење да го повлече своето вето на нивниот прием.
Двете членки на Европската Унија од 31 март годинава по 13 години чекање станаа 28 и 29 членка на големата Шенген зона, но граничните контроли им се укинати само за воздушниот и поморскиот сообраќај, а останаа контролите на копнените граници со соседните членки на ЕУ.
Контролата на копнените граници остана поради ветото на Австрија која изрази загриженост околу нелегалните миграции преку тие две земји кои се воедно и надворешни граници на ЕУ. Причина за австриското вето е и распространетата корупција во Романија и Бугарија кои се членки на ЕУ од 2007.
Повикувајќи се на информирани извори, весникот пишува дека Виена сега е спремна да го повлече ветото на состанокот на министрите за внатрешни работи на Австрија, Романија, Бугарија и Унгарија на 22 ноември во Будимпешта.
Одлуката потоа би требало да биде формализирана на состанокот на Советот на ЕУ за внатрешни работи на 12 декември, што би овозможило овие ограничувања да бидат укинати од почетокот на следната година.
Шенген зоната ги вклучува сите членки на ЕУ со исклучок на Кипар и Ирска, но во неа се и Швајцарија, Исланд, Норвешка и Лихтенштајн.
Според изјавите на неименувани извори, Австрија сега е задоволна од мерките кои владите во Букурешт и Софија ги презеле за обезбедување на своите граници, што го покажува и падот на бројот на нелегалните мигранти.
Приемот сепак, пишува британскиот весник, би можела да го блокира Холандија. Таа исто така долго се противи на влезот на Романија и Бугарија во Шенген, но даде зелено светло во 2023. Тоа, меѓутоа, беше пред влезот на владата на екстремно десната Партија на слободата на Герт Вилдерс.
Откако Австрија ќе го повлече своето вето, холандскиот парламент уште еднаш ќе расправа за приемот и теоретски би можел да ја отповика претходната позитивна одлука.
Изворите кажале дека би било нормално Холандија да остане на својата претходна одлука, како и дека евентуалниот договор во Будимпешта ќе испрати силен сигнал за Холандија да не го менува курсот.
Романскиот премиер Марсел Чолаку неодамна кажа дека е уверен дека договор ќе биде постигнат и дека неговата земја од 1 јануари ќе биде дел од зоната на слободно патување.
И Бугарија, особено оваа година, особено ја интензивираше соработката со европската погранична агенција Фронтекс и ги засили контролите на 259 километри долгата копнена граница со Турција, преку која влегуваа најголемиот дел нелегални мигранти.
Подготвено од М.Д.