11.11.2024 Скопје
Засилете ги напорите за борба против глобалното затоплување или Парискиот договор ќе биде мртов за неколку години, им порачаа Обединетите нации на владите пред овогодинешниот меѓународен самит за климата, што ќе се одржи во ноември во Азербејџан.
Во нивниот извештај за климатските промени, тие посочуваат дека сегашните планови и политики водат до глобално затоплување во опсег од 2,6 до 3,1 Целзиусови степени овој век, без изгледи за ограничување на порастот на температурата на 1,5 степени, како што беше договорено во Париз 2015 година.
Бури, суши, поплави, топлотни бранови, глечери што се топат – природата возвраќа. Итна акција против климатските нарушувања треба да биде императив за сите земји.
Се наоѓаме во нестабилна точка во рамнотежата на нашата планета. Или светските лидери ќе го премостат јазот меѓу целта за намалување на емисиите и актуелната ситуација, или директно ќе се втурнеме во климатска катастрофа што најмногу ќе ги погоди најсиромашните и најранливите, предупреди генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Шансите да се ограничи затоплувањето на Земјата на 1,5 степени, како што е договорено во Париз, речиси и да не постојат – се наведува во извештајот на ОН.
Пораст на температурата за 3,1 степен до крајот на векот
Сегашните политики не водат кон катастрофално зголемување на температурата за 3,1 Целзиусов степен до крајот на векот. Како што со право се истакнува во извештајот, луѓето и планетата не можат да си дозволат повеќе празни ветувања, додаде Гутереш.
Извештајот го анализира огромниот јаз помеѓу политиките потребни за спречување на климатската катастрофа и она што всушност го прават земјите.
Национално утврдените придонеси и нивната имплементација мора да резултираат со намалување на емисиите на стакленички гасови за 42 отсто до 2030 година за да се тргне кон патеката на најниското ниво на пораст од 1,5 степени Целзиусови, нагласува директорката на Програмата на ОН за животна средина Ингер Андерсен.
„Нема гаранција за минимално достоинствен живот“
Заедно со предупредувањето дека сме на пат кон катастрофа – реагираа и бројни експерти.
Нема докази дека можеме да обезбедиме дури и минимални нивоа на достоинствен живот наспроти глобалниот пораст на температурата дури и значително под два, а особено три степени. Значи, тоа е навистина ужасна порака, предупредува Јохан Рокстром, директор на Институтот за климатски истражувања од Потсдам.
Колапс на атлантските струи
А деновиве и 44 светски климатолози испраќаат порака и предупредуваат за колапс на атлантските струи. Треба да се сфатат сериозно бидејќи последиците се далекусежни, нагласи академик Орлиќ.
Ова пред се значи дека со глобалното затоплување може да имате многу силно заладување во северните предели, пред се во нордиските земји. Така температурата ужасно ви паѓа. Расте секаде на друго место – и тука ќе падне, предупредува академик Мирко Орлиќ, океанограф од Геофизичкиот оддел на Природно-технолошкиот факултет во Загреб.
Продлабочувањето на таканаречената студена точка ќе го почувствуваат сите земји во Европа, вклучително и Хрватска.
А ако има нестабилност, продирање на ладен воздух во нашето подрачје, на топла површина – тогаш знаеме што се случува. Голема нестабилност, многу влага, обилни врнежи, ветрови, додава тој.
Поплави во Полска, Романија, Австрија… Циклонот Борис ги погоди на крајот на летото. И експертите велат – тоа е само почеток.
Подготвено од М.Д.