25.10.2024 Скопје
Странските директни инвестиции во Германија значително се намалени, предупреди централната банка (Bundesbank), посочувајќи дека најголемата европска економија во конкурентноста заостанува зад Франција и Шпанија.
Во конкуренцијата за инвестиции Германија заостанува зад другите индустриски земји на Европската унија како Франција или Шпанија, е заклучокот на експертскиот напис од месечниот извештај на германската централна банка, објавен во вторник.
„Од крајот на 2021 година, остатокот од еврозоната не инвестираше речиси ништо во сопственички капитал“ во Германија, пишуваат авторите на експертската статија на Bundesbank. „Инвестициите од другите земји и натаму се позитивни“, но „значително намалени во однос на периодот од крајот на 2019 до крајот на 2021 година“, се додава.
Авторите на написот додаваат дека причините за падот на директните инвестиции во Германија „сѐ уште не е можно со сигурност да се утврдат“, но еден од факторите би можеле да бидат високите цени на енергијата, шпекулираат тие.
Додека странските компании во 2020 и 2021 година инвестирале вкупно нешто повеќе од 100 милијарди евра во акционерски капитал во Германија, до средината на оваа година пристигнале само 62 милијарди евра директни странски инвестиции.
„Можно е да се утврди статистички значајна структурна промена во 2022 година, што доведе до забележително намалување на износот на странски директни инвестиции во Германија“, пишуваат авторите.
Директните инвеститори од САД и Холандија одиграа голема улога „и пред и по оваа значајна структурна промена“, додаваат тие. Приливот на инвестиции од Велика Британија во Германија е значително намален во изминатите две ипол години, веројатно поради излегувањето од Европската унија во јануари 2020 година.
Германските компании континуирано инвестираат големи суми во странство од почетокот на деценијата, нагласуваат авторите, утврдувајќи дека германските директни странски инвестиции од јануари 2019 до јули 2024 година достигнале вредност од речиси 1,7 трилиони евра.
Во периодот од 2020 до 2022 година, германските инвестиции во енергетски интензивните индустрии во САД, како што е производството на хемиски производи и метали, особено пораснале.
„Ова, заедно со колапсот на домашното индустриско производство, може да сигнализира дека компаниите кои трошат многу енергија користат локации во странство поради релативно пониските производствени трошоци“, забележуваат авторите на статијата.
Во средината на март, економскиот институт IW пресмета дека странските компании инвестирале само 22 милијарди евра во Германија во 2023 година. Германските компании инвестирале дури 116 милијарди евра во странство, а околу 90 милијарди евра неодамна се насочени кон другите членки на ЕУ, пред се кон земјите од Бенелукс и Франција, посочуваат експертите на институтот.
„Германските инвестиции во странство од година в година ги надминуваат инвестициите на странските компании во Германија, што покажува дека тоа не се исклучоци, туку симптом на деиндустријализација“, заклучува IW во извештајот објавен во март. „Високите трошоци принудија многу германски компании да преселат делови или целокупно работење во поевтини земји“, беше појаснето во извештајот.
Подготвено од М.Д.